Објавена повеќејазичната збирка „Бибер 06“, која ги содржи најдобрите 24 раскази избрани од вкупно 490 пристигнати на шестиот регионален конкурс „Бибер“. Жирито во состав: Алмин Каплан, Јасна Димитријевиќ и Тања Ступар Трифуновиќ имаше задача да ги селектира најквалитетните дела што се занимаваат со темата на помирувањето во контекст на наследството од војните и насилствата во земјите од поранешна Југославија. Меѓу авторите од различни земји од регионот и Европа, Македонија е застапена само со еден автор – Драган Симоновски, кој учествува со својот расказ „Снегот“.
„Бибер“ е конкурс за краток ангажиран расказ што се објавува на албански, македонски, босански, хрватски, српски и на црногорски јазик. Неговата главна цел е да поттикне раскази што придонесуваат за намалување на омразата, прекинување на предрасудите, соочување со минатото и градење подобра иднина во регионот. Овој конкурс е организиран од страна на Центарот за ненасилна акција Сараево – Белград.