„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Поглед од мансарда“ на Светлана Антиќ-Јовчевска, која содржи повеќе од триесет текста – есеизирани приказни, објавувани како колумни во порталот „Сутерен“ во 2020 и 2021 година. Тоа се записи на разновидни теми од секојдневието, но индиректно се чувствува тегобната карантинска атмосфера поради пандемијата на ковид-19, кога и се пишувани текстовите.
Светлана Антиќ-Јовчевска (1960) е дипломирана новинарка, која работела за повеќе редакции („Нова Македонија“, МРТВ, „Утрински весник“, „Дневник“, МИА, Радио Слободна Европа, „Вечер“, Радио Дојче веле).
„Поглед од мансарда“ е нејзина петта книга. Авторка е и на книгите „Патот на вистината“ (сведоштва за воениот конфликт и егзодусот во Кумановско, 2001); публицистика – 2004 г.; на збирката раскази „13“, 2005; „Ликот од огледалото“, 2009; како и на фрагментарниот роман „Молчи и танцувај“, 2020 година. Добитничка е на Ноемвриската награда на Општина Куманово за 2015 година.