Фото: Игор Бансколиев

Меморандум за соработка помеѓу Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје и Асоцијацијата на менаџери за безбедност на Црна Гора беше потпишан вчера во Скопје. На свечениот чин присуствуваа претседателот на Асоцијацијата на менаџери за безбедност, Драган Радуловиќ; претседателот на Собранието, м-р Младен Булатовиќ; амбасадорката на Црна Гора во РС Македонија, Марија Петровиќ; претседателот на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, проф. д-р Атанас Козарев; и членовите на асоцијациите. Потписниците на меморандумот ја изразија својата согласност за организирање и развој на модели на заедничка соработка заради унапредување на концептот за корпоративна безбедност како парадигма, но и апликативна дејност, и тоа: заеднички активности во реализација на стручни и научни домашни и меѓународни проекти, заедничко учество на советувања, конференции и симпозиуми, размена на практични искуства за превенција на сајбер-безбедноста, редуцирање на корпоративниот криминалитет, безбедност и здравје при работа, заштита на деловната тајна, јакнење на капацитетите на човечките ресурси во деловниот свет, размена на техничка и научна литература, координација на заеднички активности во областа на економската безбедност на деловното работење и други активности од заеднички интерес во согласност со статутите на асоцијациите.
Претседателот на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, проф. д-р Атанас Козарев, изрази огромно задоволство од потпишувањето на меморандумот за соработка, со што е создадена рамка на идни заеднички активности со кои ќе се постигне повисока цел – целосно имплементирање на концептот за корпоративна безбедност во практиката. Имено, корпорациската безбедност е реалност и тесно поврзана со националната безбедност. Безбедноста на деловното работење во развиениот свет има долга традиција и претставува гаранција за успешно совладување на ризиците и заканите што се појавуваат и го загрозуваат деловниот успех во целина. Поврзаноста на корпорациската безбедност со националната безбедност најдобро може да се објасни преку системот на националната критична инфраструктура, која ги опфаќа сите елементи што се од витално значење за функционирањето и опстанокот на една заедница или општество. Раководството на нашата асоцијација ќе се залага за што побрзо зачленување на Асоцијацијата на менаџери за безбедност на Црна Гора во Асоцијацијата на менаџери за корпоративна безбедност на Југоисточна Европа (Southeast Europe Corporate Security Association – SEECSA).