Наредната недела, в среда, дипломската претстава „Разнесени“ на режисерката Тамара Стојаноска, во продукција на независниот театар „Златен Елец“, ќе го отвори интернационалниот студентски фестивал „Фист“ во Белград, Србија. Автор на „Разнесени“ е Сара Кејн, а користен е дел од поезијата на Милена Марковиќ и Силвија Плат. Претставата е копродукција со универзитетот „Еуропа Прима“ од Скопје. Бобан Алексоски, Ива Петровска и Ане Блажовски се актерите во претставата, музиката е на Лука Тошев, а дизајнот на рекламниот материјал и во двете претстави е на Бојана Цилевска.
„Разнесени“ исто така посочува на системот што се бори со една тажна, насилна и бесмислена епоха во која живееме, кај што владеат секаква омраза и страв, од расизам до хомофобија, со една надеж за промена во светот и општеството воопшто.
Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје настапи и на вториот интернационален фестивал на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ во Неготино, со дуодрамата „Кенди“, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска според роман на Лук Дејвис. Фестивалот има натпреварувачки карактер, а претставата е селектирана во официјалната конкуренција. Во „Кенди“ играат актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, а музиката е на Лука Тошев. Изведбите на „Кенди“ во Скопје се одржуваат во Младинскиот културен центар.
– „Кенди“ е љубовна приказна, но истовремено е сурово истражување на животот со зависност и приказ на времето во кое живееме. Претстава што говори за младиот човек денес, за борбата со болеста зависност и дискриминацијата што доаѓа со неа, за недостатоците во здравството и за тие што немаат поддршка, за сите млади луѓе што се чувствуваат заглавено во машинеријата на системот – вели режисерката.