Почетокот на фестивалот е планирано да биде во знакот на македонските творци и нивните филмови. Традиционално, и зад селекцијата на годинашната програма со својот уметнички габарит стои Бернд Будер

Годинашното, 22. издание на „Синедејс“ ќе се одржи од 13 до 18 јули. Фестивалот се отвора со македонска премиера. Станува збор за играниот филм „М“ на Вардан Тозија, кој беше презентиран на годинашното, 73. издание на Берлинскиот филмски фестивал.
– „Синедејс“ успешно го гради своето реноме на квалитетен меѓународен фестивал на европски филмови, кој цели две децении, во организација на Младинскиот културен центар, доволно гласно говори за нашата посебност и потребата за културни проблесоци. Фестивалот се одржува на различни локации, дел под отворено небо: покривот на ГТЦ и домот на култура на градежните работници „Кочо Рацин“, во Музејот на современата уметност, автокиното на Водно, во паркот МКЦ, киното „Милениум“, Кинотеката… – велат организаторите.
Почетокот на фестивалот е планирано да биде во знакот на македонските творци и нивните филмови. Традиционално, и зад селекцијата на годинашната програма со својот уметнички габарит стои Бернд Будер, а во неа е предвидено да бидат прикажани светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати целини, како што се Официјална селекција, СЕЕ-програма, МК шортс (кратки филмови). Мнозинството со нагласено внимание ќе ја чекаат и Гала-програмата.
– Ќе имаме одлична програма, со оглед на тоа колку ни е лимитиран буџетот. Повторно со фестивалски наслови во Гала-програмата, Официјалната и во СЕЕ-програмата, во која ќе имаме наслови од дебитанти – европски режисери под селекција на Бернд Будер, потоа мастеркласови и работилници за филм за најмладите, а филмот на отворање ќе биде премиера на филмот „М“ во режија на Вардан Тозија. Предвидени се и музички вечери за гостите и публиката во програмата Сие мјузик – вели Маргарита Арсова, програмска уредничка на „Синедејс“.

Филмот „М“, копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција, е дистописка бајка, приказна за осумгодишниот Марко, кој во суровиот и мрачен свет обземен со таинствен вирус е во потрага по својата мајка. Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, а маскер е Горан Игњатовски.
Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ Вејзовиќ. Продуцент на „М“ е „Фокус покус филмс“ од Скопје.
Филмот во 2021 година ја доби главната награда на „Филмови во изработка“ во рамките на Интернационалниот филмски фестивал во Пула, Хрватска, а беше презентиран во конкуренција со уште десет селектирани меѓународни филмски проекти во фаза на постпродукција.
Лани на „Синедејс“ беа прикажани повеќе од 50 филма, а се одржа под мотото „Од високо подобро се гледа“, од 7 до 17 јули. Отворањето беше со премиерата на „Мими“ на режисерот Даријан Пејовски. В.Д.