Новата сликовница „Рокчето“ од познатиот поет Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, ќе биде промовирана утревечер, во 19 часот, во новата книжарница „Литература.мк суперстор“ во „Дајмонд мол“ на првиот кат. Книгата ќе ја промовираат Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски.
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведувани современи македонски поети во светот. Зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев. Во неа, Маџиров еднакво е и поет и раскажувач.
– Формата „приказна во приказна“ во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедо му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук. Читателите ја слушаат/ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето – главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите на Анета Илиевска, кои исто така се на две нивоа: еден е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерен), друг – во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорен). Посебноста на оваа сликовница е во тоа што на крајот сè се поврзува со сè. Минатото со сегашноста, традицијата со совремието, приказните со поезијата, народното творештво со авторскиот израз. Детето што ја слуша приказната се идентификува со детето со рогот од приказната; дедото што раскажува, всушност е детето со рогот и на внукот (и на читателите) им раскажува за себе. Личните поврзувања ѝ даваат особена лиричност на оваа сликовница мека како облак, нежна како снегулка – вели издавачот.
Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено десетина книги на македонски јазик, вклучувајќи ги и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Како преведувач се јавува на петнаесетина книги поезија, раскази и романи. Неговата поезија е преведена на четириесет јазици во над педесет земји и објавувана во антологии и списанија во Европа, САД, Азија, Африка, Латинска Америка и во Австралија. Добитник е на поетската награда „Хуберт Бурда“, којa му беше доделена од жирито чиј член беше добитникот на Нобеловата награда за 2019 година, Петер Хандке.
Анета Илиевска е родена во 1974 година во Скопје. Љубовта кон уметноста кај неа се раѓа уште како дете, по што се запишува во средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, на насоката за графика. Од 1993 година работи како графички дизајнер. Покрај богатото портфолио од областа на графичкиот дизајн, има дизајнирано корици за неколку стотици книги, а „Снешко. Дневникот на едно кутре“ е прво издание каде што се јавува и како илустратор. Од 2017 година активно се занимава и со фотографирање, за што има добиено повеќе награди и признанија, а учествувала и на неколку македонски и интернационални групни изложби.