Цртеж наречен „Три фигури“ е откриен во багажот на еден швајцарски државјанин, кој сакал уметничкото дело да го однесе од Шпанија, но не сакал да го пријави во царина, тврдејќи дека станува збор за копија што нема посебна вредност, објави АФП.
Тој покажал и сметка што ја платил од, наводни, 1.500 евра, но поради сомнеж за шверц на уметнички дела, неговиот багаж бил детално прегледан, при што била пронајдена сметка од 450.000 евра. Според шпанскиот закон, секој уметнички предмет чија вредност надминува 150.000 евра мора да се декларира.
Сликата вредна 450.000 евра, која му се припишува на Пабло Пикасо, е запленета на Ибица, по рутинска проверка на куфер, потврди шпанската царинска служба.
Галерија во Цирих потврдила дека станува збор за оригинален цртеж, насловен „Три фигури“, од 1966 година. Исто така е потврдено дека цената од 450.000 евра одговара на цената што ја има ова дело на пазарот.