Романот „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски излезе на руски јазик во Москва. Преводот од македонски на руски за книгоиздателството „Рудомино“ е на Олга Панкина, темелна познавачка на двата јазика и голема популаризаторка на македонските културни вредности во Русија.
Главниот уредник на реномираниот руски издавачки центар за книга „Рудомино“, Jуриj Фридштеjн, поет и критичар, човек со огромно искуство на полето на книжевноста, е воодушевен од романот на Миневски. Во препораката стои дека станува збор за фасцинантна наративна структура, која се „исчитува“ на повеќе нивоа, а особено е автентичен раскажувачкиот слој, кој им е препуштен на предметите, растенијата и птиците, со што приказната раскажана однатре, од срцето на самото постоење, го фиксира животот таков каков што тој не помни, а ние сме го заборавиле. Преведувачката Олга Панкина изјави дека романот за реалното отсуство и фиктивното присуство е објавен во тираж од илјада примероци, во специјална едиција, многу квалитетно реализирана, во тврд повез и современ ликовно-графички дизајн. Автор на дизајнот е Петр Бем, а на корицата е аплициран фрагмент од слика на македонскиот академски сликар Владимир Темков.
– Ова е прва посебна книга на Блаже Миневски објавена на руски, иако тој веќе им е познат на руските читатели од објавениот извадок од романот „Нишан“ (2012) и од неколкуте раскази претставени во книгата „Македонски раскази“. Центарот за книга „Рудомино“, кој соработува со огромен број книжарници во Русија, ќе ја обезбеди дистрибуцијата на книгата на големото руско јазично подрачје – додава преведувачката Панкина.
„Фантомско стапало“ е шести македонски роман што го има преведено во последниве осум години, во соработка со Серуската државна библиотека за странска литература, коjа располага со над пет милиони книги, но која и понатаму постојано го пополнува својот книжевен фонд со дела преведени од други јазици.