Посети го музејот
Музејот во Штип е отворен со одлука на Народниот одбор на градот Штип на 10.5.1950 година. Првата поставка на музејот е поставена во Хусамединпашината џамија и имала етнолошки карактер. На 11.10.1956 година, музејот е преместен во новоадаптирана зграда со староградска архитектура, позната како куќата на Арсови (браќата Тошо и Љупчо, народни херои). Во 1964 година е отворена постојана изложбена поставка на современото македонско сликарство во уметничката галерија „Безистен“, која претставува дел од музејот. Во 1972 година, по иницијатива на Коста Балабанов, во црквата од 19 век – „Успение на пресвета Богородица“ во Ново Село е отворена постојана поставка на икони. Во 1978 година, зградата на Музејот е реновирана, па музејските простории се пренесени заедно со целокупниот персонал и документација во просториите на стариот Здравствен дом. Во 1979 година, музејот добива статус на Завод за заштита на спомениците на културата и народен музеј, за разлика од претходно кога беше само Народен музеј на штипскиот крај. Во 1985 година, повторно е вратен музејот во куќата на Арсови, која била напуштена во 1978 година заради реновирање. Во овие простории музејот работи непрекинато до денес. Во 1980 година е направен проект за проширување на музејот со уште една зграда, при што е искористена куќата на Аневи – Гочеви, каде што сега се наоѓа археолошката поставка. Меѓу куќата на Арсови и куќата на Аневи – Гочеви, уште тогаш е планирана административна зграда, во која ќе биде сместен административниот дел. Овој проект е завршен во 2004 година.
Денес музејскиот комплекс се состои од три згради, од кои едната е административна, а другите две се предвидени како поставки.
Во состав на Заводот и музеј на Град Штип работат и Музејот на ВМРО за Штип и Штипско (1893 – 1934) отворен во 2014 година, уметничката галерија „Безистен“, а отворена е и Спомен-куќа на Славчо Стојменски.