До крајот на годината, целиот албум ќе ѝ биде претставен на јавноста, а проектот ќе биде заокружен со голем концерт со Македонската филхармонија

Познатиот македонски музичар и композитор Никола Мицевски, по „Круг“, првиот сингл од неговиот соло-албум „New era“, кој наиде на одличен прием кај публиката, а беше забележан и од критиката, деновиве го претстави својот втор сингл од новиот материјал, насловен „Time“.
– „Time“ е инструментална композиција во синематик/етно/рок/симфони правец, или популарно „ворлд мјузик“, со призвук на филмска музика. Тоа е музика преку која сакам да допрам до што поголем број слушатели, која може да се слуша секаде во светот, а притоа да е препознатливо дека се темели врз духот на македонската музика – вели Мицевски за своето ново дело, за кое тој е автор на музиката и на аранжманот.
Како специјален гостин на овој проект учествува нашиот познат македонски гитарист Дамјан Пејчиноски, а видеото го изработи извонредниот Даниел Јовески.
– Среќен сум што соработував со Дамјан Пејчиноски, гитарист од светска класа, кој со својата изведба ѝ даде една друга димензија на мојата музика. Даниел Јовески, пак, повторно направи едно ремек-дело, видео со кое автентично и перфектно ја илустрираше мојата музика. Песната е снимена и продуцирана во студиото „Икс Ел Момироски“ – ни рече Мицевски.

Како и за „Круг“, првите реакции за „Time“ се одлични, па така може да се слушне дека ова е светски производ со македонски призвук, прогресивно испреплетено со традиција, музичко совршенство, грандиозен звук на една фантастична композиција, вонвременско дело, кое може да се користи и како тема за филм. Со право некои веќе го нарекуваат Никола, македонскиот Жан Мишел Жар.
Мицевски го создавал албумот „New era“ за време на изминатите две пандемиски години, а овој оригинален наслов го добил како симбол на нов почеток, нов правец во неговата кариера, нов начин на изразување и функционирање.

– Изминатиот период ѝ се посветував на музиката толку колку што честопати сум посакувал и можам да кажам дека тоа ми беше еден од најкреативните и најплодните периоди во животот. Бев окупиран со создавањето на мојот прв албум со авторска музика, кој за мене е синтеза на целото мое творештво и знаење, посегање по најдлабокиот мој извор музиката, од дното на мојата душа. Инаку и во „Time“ се трудев да го внесам целото досегашно искуство, од сите креативни периоди низ кои поминав, но да има мој печат, да звучи оригинално, бидејќи за еден автор најголема награда е да биде препознаен, свој, да наметне сопствен јазик на изразување – ни рече Мицевски.
Тој се надева дека до крајот на годината целиот албум ќе ѝ биде претставен на јавноста, а проектот ќе биде заокружен со голем концерт со Македонската филхармонија.