Македонскиот народен театар со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, ќе учествува на 25-от фестивал „Квартиери дел арте“ во Италија. Претставата ќе има само една изведба и ќе се одигра на 5 ноември, на сцената во театарот во Витербо. Ова е главниот италијански фестивал на новото/современо пишување. Тој се одржува секоја година во областа Витербо и во Рим, а предводен е од тимот на италијанските драматурзи Џан Марија Черво и Алберто Басети.
Жртвувањето на човечкото здравје во интерес на профитот е главната тема во претставата „Народен непријател“. Текстот на норвешкиот драматичар Хенрик Ибзен, низ режијата на Нина Николиќ, прозвучува современо како и во 1882 година, кога е напишан. Претставата низ жанрот реализам зборува за обидот на доктор Стокман, во изведба на Никола Ристановски, да ја спаси основаната бања, во чии води е откриена бактерија. Но обидот ќе наиде на отпор од поширокото семејство, градоначалникот, градот и од независниот градски весник. Дејството се одвива во сценски простор што доловува дом, но и цевки од водовод, чија загаденост симболично ја прикажува контаминацијата на општеството со корупција, на сите нивоа. Претставата „Народен непријател“ е последен дел од сложениот проект „Патиштата на хероите“, чиј носител е МНТ.
Фестивалот во Италија создава проекти што имаат цел не само да се соочат туку и да интегрираат драмски и постдраматични елементи, како и да истражуваат и да експериментираат нови „хибридни“ стратегии за пишување нови драми. Изработени се неколку краткометражни филмови и театарска претстава за еколошките херои. Проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“, во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан. Фестивалот е партнер со Кралскиот национален театар од Лондон, театарот „Бург“ од Виена, MEEC од Париз, Театарот на кралската размена од Манчестер и „Народни дивадло“ во Прага, како и со Македонскиот народен театар од Македонија.