Нова изложба на Зулејха Зубери Али во „Пионери“

Зулејха Зубери Али ќе ја постави својата трета самостојна изложба в среда, во галеријата „Пионери“, во 20 часот. Изложбата е создадена последниве четири месеци, а ќе може да се посети до 10 септември.

Зулејха Зубери Али дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и учествувала на повеќе групни и самостојни изложби во Македонија и надвор. Нејзините слоевити монохроматски слики ги отсликуваат боите и амбиентот на куќите во Прованса, кои се растегнуваат од сиво-сини врати до подови со боја на керамида и светлозелени прозорци. Повеќеслоевитоста и минималистичката повторлива текстура имаат цел да ја покажат медитативната сила на летниот одмор и новата енергија што ја буди во нас. Зулејха посочува на важноста да си дозволиме момент на радост и време за одмор и во секојдневниот живот, најавуваат од „Пионери“.

Во мирните слики на Зулејха, радоста на живеењето надвор од градовите, раскажана низ палетата на Прованса, е начин да се побегне од секојдневната рутина на живеењето. Нејзината трета самостојна изложба е поддржана од Министерството за култура на Македонија и галеријата „Пионeри“.