Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Одисеја“, вечерва, со почеток во 20 часот, на кој ќе бидат изведени дела од скандинавските композитори Едвард Григ и Јан Сибелиус. Диригент е Кристијан Рајф од Германија, а како солистка ќе настапи Афродити Патулиду од Грција.
Германскиот диригент Кристијан Рајф е новоименуван шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Гавле, Шведска, позиција на која ќе остане до сезоната 2025/2026. Во изминатиов период, Рајф воспостави висока репутација на светските сцени, особено поради неговата природна музикалност, иновативност и висока техничка прецизност во водењето на оркестрите. Со оркестарот „Гавле“, покрај тековната програма, ќе ја предводи и турнејата во Шведска, во март 2024 г. Од 2022 година, Рајф беше на функцијата музички директор на фестивалот во Минесота „Лејкс Ериа“, кој е посветен на нарачка на нови дела од областа на камерната музика, како и од оперскиот и симфонискиот репертоар. Најистакнатите моменти од сезоната 2023/2024 вклучуваат и негови настапи со Симфонискиот оркестар на Синсинати, Симфонијата на Сент Луис, Симфонијата на Сиетл, Симфонијата на Милвоки, Шведскиот радиосимфониски оркестар, Филхармонискиот оркестар на Брно, како и настапот на летниот музички фестивал „Гранд Титон“. Мошне значаен е неговиот настап како диригент на грандиозното дело на славниот композитор Џон Адамс – „Ел Нињо“ (опера-ораториум), за кое направи свој аранжман, а кое ќе го изведува со Симфонијата Синсинати, како и со Американската модерна оперска компанија, на турнеја низ САД. Рајф беше постојан диригент на Симфонијата на Сан Франциско, како и музички директор на тамошниот младински оркестар. Студирал со Алан Гилберт на „Џулијард“ и со Денис Расел Дејвис во „Моцартеум“ во Салцбург. Добитник е на повеќе значајни награди за диригирање.
Сопранот Афродити Патулиду, родена во Солун, Грција, се смета за една од најинтересните пејачки ѕвезди во подем. Таа пишува текстови и е фотографка, но негува и огромна страст кон сликарството и поезијата. Настапува во театри како Државната опера во Берлин, Кралскиот театар во Мадрид, Грчката национална опера, во концертни сали како Берлинската филхармонија или „Концертгебау“ во Амстердам. Нејзините улоги на Ана Трулова во „Животот на развратникот“ од Игор Стравински, Ел во „Човечкиот глас“ на Франсис Пуланк,Сузана во „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт, Белинда во „Дидо и Енеј“ од Хенри Персл, Софи Шол во „Бела роза“ од Удо Цимерман се мошне позитивно оценети од меѓународната критика. Соработувала со врвни диригенти како Барбара Ханиган, Кирил Петренко, Мануел Наври, Тито Чекерини… Патулиду беше една од првите уметници што учествуваше во „Еквилибриум“ – Иницијативата за млади уметници на Барбара Ханиган. Таа гостува и во познатата компанија на германската кореографка и танчарка Саша Валц, а беше и главен вокал во хевиметал-бендот „Игоррр“. Како композиторка пишува во различни музички манири и жанрови. Живее во Берлин, а студирала на универзитетот „Македонија“ во Солун, потоа на Кралскиот фламански конзерваториум во Брисел, како и на Универзитетот за уметности во Берлин. Исто така учела и народно пеење, а свири пијано, гитара и никелхарфа. Добитничка е на повеќе значајни стипендии. С.Ј.