Фото: Дом на клутура во Кавадарци

Манифестацијата „Месец на театарот“ вечерва ќе биде официјално затворена со премиерата на комедијата „Каша и кубаси“на театарот при домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Претставата е работена според текст на Золтан Егреши, а во режија и адаптација на Диме Коцевски кој овој проект го работеше во соработка со домот на културата „Мирка Гинова“ од Демир Капија како едно продолжување на една долгогодишна успешна соработка на двата дома.
Диме Коцевски по пауза од година ипол се враќа на режирањето, но и на неговата прва љубов, глумата. Пред вечерната премиера закажана за 20 часот, а како комедија со драмски елементи која навидум е само една спортска приказна која всушност е нешто сосема друго, тој изјави:
„Станува збор за современ текст, во кој преовладуваат комичните моменти, но со многу драмски моменти, кои го отсликуваат денешниот модерен свет во кој никој никому не верува, некогаш неоправдано, но најчесто оправдано. Задкулисни игри, неверства, дволичност но и лажење во лице. Темата е повторно спортска, како и претходната претстава каде тројца фудбалски судии ќе се соочат со сите тие негативни работи кои ги набројав погоре. Најпрвен еден кон друг, но и она најтешкото, соочување со самиот себе. Во претстават се појавуваат пет лика, секој со свој проблем, но и со товар од проблемите на другите.“
Актерската екипа во претставата „Каша и кубаси“ ја сочинуваат: Видан Станоев, Александар Видиков, Саше Орешков, Диме Коцевски и гостинот од театарот при домот на културата „Мирка Гинова“ од Демир Капија, Томе Атанасов- Сабро. Претставата е во продукција на домот на културата во Кавадарци, а копродуциран од домот на културата во Демир Капија- вели режисерот Диме Коцевски.
Дека овој театарски проект на кавадаречкиот театар и враќањето на Диме Коцевски со нетрпение се очекуваше од страна на театарската публика, говори податокот дека билетите експресно беа продадени за утрешната реприза на претставата, така што веднаш наредната претства е закажана за 28 декември. М.М.