Македонската филхармонија најавува уште еден импресивен концерт. Станува збор за концертот „Светлина“, кој ќе се одржи вечерва, во 20 часот, а на кој како солист ќе настапи извонредниот виолинист Станко Мадиќ (Србија/Германија), концерт-мајстор на Радиооркестарот на Минхен.
За првпат во Македонија, Станко Мадиќ ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 еден од највлијателните современи живи композитори, Петерис Васкс од Летонија. „Чиста убавина на звукот“ – така е опишано ова дело со наслов „Далечна светлина“, а создадено во 1996 година по барање на летонскиот познат виолинист Гидон Кремер. По речиси две децении од неговото создавање, денес овој концерт е веќе класика и е дел од репертоарот на големите симфониски оркестри. Петерис Васкс во ова дело ги внел својата душа и меланхолична страст, неговите силни врски со природата, верувањата и идеалите, кои ги гледа како полека исчезнуваат насекаде, и претставува центар на севкупното негово творештво.
Станко Мадиќ (Белград, 1984) ги започнал студиите по виолина на шестгодишна возраст во класата на проф. Роберт Тошков и продолжил со проф. Дејан Михаиловиќ, во чија класа на само 14 години станал студент на Белградската музичка академија како прворангиран студент на приемниот испит. На 17 години дипломирал како најдобар ученик на својата генерација. Мадиќ е добитник на стипендија од кралското семејство Караѓорѓевиќ. Магистерските студии на Новосадската државна академија на уметности ги завршил на 19 години, а студиите ги продолжил на музичката академија „Карл Марија фон Вебер“. Во Операта во Дрезден станал постојан член, а од 2011 до 2018 и концерт-мајстор на Државната филхармонија во Нинберг. Моментно е концерт-мајстор на Радиооркестарот на Минхен, но беше и првиот концерт-мајстор на регионалниот оркестар „Ноу бордерс“, кога снимија цеде за „Дојче грамофон“ и реализираа светска турнеја. Како концерт-мајстор, Станко Мадиќ гостувал во различни оркестри во Германија и во светот, а како солист, камерен и оркестарски музичар настапувал со едни од најистакнатите уметници во светот: Марта Аргерич, Зубин Мехта, Пласидо Доминго, Емануел Пају, сер Колин Дејвис, Албрехт Мејер… Во 2020 година сними цеде за „БР класик“ изведувајќи го концертот за виолина „Далечна светлина“ од Васкс, за кој критиката напиша дека е една од најдобрите снимки на ова дело. Добитник е на први и специјални награди на многу значајни меѓународни натпревари. Свири на виолина на Карло Карлети од 1908 година, добиена со поддршка на „Комерцбанк“ од Нинберг, како и на модерна виолина направена специјално за него од Сава Гришенко, познат изработувач на виолини од Минхен.
Диригент на концертот „Светлина“ е маестро Оливер Балабурски, кој многу години живее и твори во Канада, а со Македонската филхармонија ќе диригира по подолг период пауза. Оваа вечер, заедно со оркестарот на Филхармонијата и маестро Балабурски, ќе биде изведена и Симфонијата бр. 4 во Ф-мол, оп. 36 од рускиот музички гениј Петар Илич Чајковски. Токму Четвртата симфонија претставува своевиден автопортрет – симфониски хибрид, во кој се вкрстуваат архитектонската форма со поетиката на симфониската поема. В.Д.