Изложбата „Архивски документи“ на професорката и ликовна уметница Жанета Вангели е продолжение на програмските проекти за 2026 година на Националната галерија по нејзиното презентирање во Македонскиот КИЦ во Загреб и Белград минатиот месец. Овој проект ќе биде реализиран во Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул со поддршка на Министерството за култура и туризам. Изложбата ќе се отвори утре, во 19 часот. Пред публиката ќе се обратат директорот на Културно-информативниот центар во Истанбул, Диме Ратајковски, кураторката на изложбата Маја Крстевска и директорот на Националната галерија, Али Синани.
Националната галерија продолжува со промоција на македонската култура и современата уметност во Република Турција. По минатогодишното претставување на група современи македонски уметници во Културно-информативниот центар во Истанбул, добрата соработка со македонските културно-информативни центри продолжува и оваа година.
Изложбата „Архивски документи“ е прво самостојно претставување на Вангели пред турската публика и содржи 41 дело во техниката принт на плексиглас и аудиоматеријали.
– Предизвик е да се пишува за ваква голема и значајна уметница, провокација е изборот од нејзиниот творечки, уметнички фундус да се преточи во соодветна приказна. Жанета Вангели, професорка и големо име на светската ликовна сцена, нѐ воведува во дел од архивските документи преку визуелната уметност, преточена во дигитална слика, фотографија, текст и звучна уметност.
Оваа нејзина изложба е, всушност, една сублимација на главните интересни зони што се во нејзиниот фокус, кон една метафизичка манифестација во време-просторот што таа го сведочи. Низ четиридецениското творештво, преку архивските документи, Вангели несомнено евидентира различни претстави на духовна слобода и привлекува внимание кон доживувањето на времето, поканувајќи ја публиката да го почувствува сегашниот миг преку проекција на доживеаното. Нејзината независност дава богат придонес кон историјата на слободата и со целосна задлабоченост ја развива уметноста кон конкретна фактичност – пишува Маја Крстевска, виша кустоска.
Изложбата ќе биде поставена до 15 мај 2026.

































