Појавата на молњи над вулканите досега беше нејасна поради самата природа на честичките, кои по правило не треба да создаваат полнеж, но новото истражување докажува дека такво нешто сè уште е можно. Научниците направија важен чекор во разбирањето на вулканските молњи, еден од најспектакуларните феномени во атмосферата, кој се јавува во облаците од пепел за време на ерупции како Хунга Тонга-Хунга Хаапаи. За време на тој настан се регистрирани повеќе од 2.600 удари на молњи во минута на височини до околу 32 километри.
За разлика од класичните бури, каде што електричниот полнеж се создава со судири на ледени кристали и град, вулканскиот облак се состои од сув пепел и карпи. Бидејќи овие честички се хемиски слични, долго време не беше јасно како се случува одвојувањето на полнежот. Новото истражување покажува дека тенок слој на молекули богати со јаглерод што ги покриваат честичките игра клучна улога. Кога научниците тестирале чист силициум, немало значаен електричен полнеж. Но штом површината била „контаминирана“ со јаглеродни соединенија, судирите почнале да генерираат електричен полнеж.
Таквиот слој може да се формира природно – загревањето е доволно, бидејќи воздухот веќе содржи молекули што се врзуваат за површината на честичките. Во услови на вулканска ерупција каде што има високи температури и силни нагорни воздушни струи се создаваат идеални услови за електрификација на облакот од пепел, што резултира со интензивни молњи.

































