Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 44-годишен жител на Скопје поради сомнение дека сторил кривично дело „Предизвикување општа опасност“ согласно член 288 од Кривичниот законик. Надлежен јавен обвинител до Судот доставил предлог за определување мерка притвор,пренесе МИА
Според информациите од Обвинителството, осомничениот на 15 јуни околу пладне предизвикал пожар на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, во близина на Амбасадата на Република Бугарија, со што создал значителна опасност за животот и телото на луѓето, како и за имот од поголеми размери.
Од ОЈО наведуваат дека осомничениот најпрво со автобус пристигнал во централното градско подрачје, по што од бензинска пумпа во близина на амбасадата наполнил бензин во пластично шише. Потоа се упатил кон две паркирани дипломатски возила во сопственост на Амбасадата, ги полеал со бензин и ги запалил со запалка.
По извршувањето на делото, тој веднаш го напуштил местото на настанот.
Обвинителството оценува дека постојат законски основи за определување притвор, имајќи ги предвид тежината и околностите на делото, како и фактот дека било извршено врз дипломатски возила во центарот на Скопје во период од денот кога фреквенцијата на граѓани и возила е голема.
Поради тоа, јавниот обвинител побарал од Судот да му определи мерка притвор на осомничениот за непречено водење на кривичната постапка.


































