Фото: Нова Македонија

На територијата на државата до 18.00 часот денеска се регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор, од кои пет се сè уште активни, два се ставени под контрола, а седум се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според податоците на ЦУК, активни се пожарите во Општина Илинден кај селото Мршевци, каде што гори сува трева, во Општина Босилово кај селото Секирник каде е зафатена депонија, во Општина Чашка кај селото Војница каде што гори нискостеблеста деградирана шума и сува трева, во Општина Кавадарци кај селото Шивец, како и во Општина Штип кај селото Долани.

Под контрола се ставени пожарите на градската депонија во Општина Демир Хисар и кај селото Железница во Општина Кратово, каде што исто така била зафатена депонија.

Во меѓувреме, целосно изгаснати се седум пожари и тоа кај Католичките гробишта во Битола, во прилепското село Мало Коњари, кај средното училиште „Орде Чопела“ во Прилеп, во селото Непроштено во Општина Теарце, како и на три локации во Гостивар – во селото Бањица, на местото викано Јавор во населбата Питарница и во населбата Малеадри.

Надлежните служби и понатаму ја следат состојбата на терен и интервенираат на сите активни жаришта со цел спречување на понатамошно ширење на пожарите.