„Амадока“, најпознатиот и најуспешен роман на украинската писателка Софија Андрухович, е објавен на македонски во издание на „Артконект“, во превод на Ацо Пероски, а со поддршка од програмата „Креативна Европа“.
Приказната во „Амадока“ започнува кога еден војник е тешко ранет во конфликтните зони на истокот на Украина. За чудо, тој успева да преживее, но целосно го губи сеќавањето, не ги памети ниту своето име ниту своето минато, ниедна блиска личност. И токму во таква состојба го наоѓа една жена чија љубов и трпение се чини дека може да го направат невозможното, да му ги обноват сеќавањата и да му го вратат назад изгубениот живот.
„Амадока“ е длабок, комплексен роман, кој нуди книжевно искуство какво што ретко се среќава во современата литература.
Софија Андрухович (Ивано-Франкивск, 1982) е украинска писателка и преведувачка. Студира книжевност и издаваштво, а работи како уредничка на списанија и како преведувачка од полски и од англиски јазик. Својот прв роман, „Летото на Милена“, го објавува во 2002 година, а првиот голем успех на книжевната сцена го постигнува со романот „Феликс Австрија“ (2014), за кој добива низа награди и според кој е снимен и долгометражен филм.