Во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен 2022“ вечерва во 19.30 часот во галеријата на домот на културата во Кавадарци ќе бидат изложени 23 дела од првата македонска ликовна колонија која во септември се одржа во Неа Скиони, на Халкидики, во Грција.

На оваа интернационална ликовна колонија која го доби името „Crown Art colony“ годинава зедоа учество 23 уметници од Македонија, Турција, Србија, Грција, Бугарија и Германија кои создадоа 60 прекрасни уметнички дела. Кураторот на колонијата ликовниот уметник Владимир Темков одбра по едено дело од секој уметник со најава дека изложбата се предвидува да биде презентирана во повеќе градови во Македонија.

На отворањето на изложбата во Кавадарци покрај значаен дел од учесниците на колонијата се очекува да присуствуваат и сопствениците на хотелот „Круна“ во Неа Скиони Татјана и Тони Илиоски од Прилеп кои како добри домаќини во целост финансиски го подржаа нејзиното одржување.

– Како вистински љубители на уметност кои колку што имаме можности го следиме ликовното творештво бевме поттикната и инспирирани како фамилија Илиоски да оставиме на нашите деца и поколенија што доаѓаат по нас прекрасна уметност во чие создавање ние сме имале удел. Затоа со голема радост ги отворивме вратите на на нашиот хотел „Круна“ во Неа Скиони каде за првпат се организираше меѓународна ликовна колонија. Преку сликите на овие уметници ви посакуваме добредојде во нашиот хотел и ве уверуваме дека и вие нема да останете рамнодушни на прекрасните уметнички дела создадени на оваа ликовна колонија – велат сопружниците Татјана и Тони Илиоски. Ми.М.