Прилепскиот академски уметник Марјан Стојаноски, со изложбата „А пис оф арт“, се претставува во Кичево, каде што љубителите на ликовната уметност ќе можат да се запознаат со 15-те дела изложени на поставката и со неговото творештво.
Уметноста како простор на мир, слобода и човечка поврзаност е јазик што не познава граници, вели Стојаноски.
– Уметноста зборува преку бојата, линијата, формата и емоцијата, откривајќи ги световите што често остануваат неискажани со зборови. „А пис оф арт“ е изложба што ја слави уметноста како простор на лична слобода, мир и заедништво. Насловот си поигрува со значењето на англиските зборови peace -мир и piece – парче, дело или фрагмент. Во оваа игра со зборовите се крие и суштината на изложбата: секое уметничко дело е едно парче од пошироката човечка приказна, еден личен глас во заедничката хармонија на различностите. Преку експресивни потези, силни контрасти, слободни форми и спонтани композиции, делата отвораат простор за индивидуално доживување и толкување. Боите не се само визуелни елементи – тие стануваат носители на чувства, мисли, немир, надеж и радост. Линиите не се само траги на површината туку записи на движењето, на моментот и на внатрешниот импулс на авторот. Во свет исполнет со поделби, брзина и неизвесност, уметноста нè повикува да застанеме, да погледнеме подлабоко и повторно да ја откриеме вредноста на човечката блискост. Мирот не е само отсуство на конфликт; тој е можност да ги прифатиме различностите, да ги слушнеме другите и да создадеме простор во кој секој може слободно да се изрази. „A peace of Art“ не нуди единствен одговор, туку отвора дијалог. Секое дело е покана за средба меѓу авторот и набљудувачот, меѓу личното и универзалното, меѓу она што го гледаме и она што го чувствуваме. Бидејќи понекогаш, едно парче уметност е доволно да нè потсети на она што нè поврзува. А можеби, токму во уметноста, секој од нас може да пронајде свое парче мир – вели уметникот.
Марјан Стојаноски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професорот Беди Ибрахим. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), а во два наврата е претседател на Друштвото на ликовни уметници – Прилеп, и како негов член во 2015 година ја има добиено наградата за скулптура „Јордан Грабул“. Има реализирано голем број изложби во земјава и во странство. Ка.М.
































