Анастасија Димковска, маскерка-шминкерка

Анастасија Димковска е шминкерка, а во последно време е ангажирана и за театарска шминка. Има завршено македонска книжевност и јужнословенски книжевности на УКИМ, Скопје во 2020 година и македонски јазик на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во 2026 година.
Таа беше маскерка на монодрамата „Арто/Ван Гог“ оваа година, во продукција на театарската лабораторија „Артема“. А последно беше ангажирана на претставата „Фрида“, авторски проект на Драгана Левенска, која се игра во Драмскиот театар.
Како што зборува Анастасија, шминката за театарската сцена е поинаква од онаа во секојдневниот живот.
– Зависно од ликот, шминката за театарската сцена може да биде многу поинаква, да оди надвор од „убавото“ и да нѐ потсети дека шминката е вистинска уметност што не постои само за да истакне нечија убавина туку навистина да трансформира еден актер и да му помогне да оживее еден лик.
Кога шминкав за театар, не се водев по истите чекори како, на пример, кога шминкам невеста или девојка за настан, туку ги истакнував само најпотребните црни и клучни точки, карактеристични за ликот. Од технички аспект, пак, бидејќи на театарската сцена има многу силни светла, важно е лицето на актерот да биде матирано и да не свети на непотребни места со цел да дојдат до израз нивните изрази и гримаси – споделува Анастасија.
Кога ја креирате шминката за еден лик, од каде почнувате? Дали се водите од текстот, режисерската визија, сопствената замисла за ликот…?
– Дефинитивно многу ми помага ако го имам прочитано драмскиот текст пред да ја создадам сликата за ликот во мојата глава. Понекогаш, самите реплики можат да ми дадат информација за тоа како треба да изгледа ликот, како се чувствува во моментот и во каква состојба е, за да имам предвид какви промени треба да направам со шминката.
Режисерската визија е исто така многу важна, бидејќи секоја промена на самата сцена треба режисерот да ја одобри. Секако, во консултација со режисерот и другите креативци од тимот ја создавам и ја оживувам и сопствената замисла за ликот. Од иста важност е и како актерот се чувствува во таа шминка; доколку чувствува доволна удобност да го игра ликот додека ја носи таа шминка на себе, значи дека сум го постигнала посакуваниот ефект.

Вашата последна претстава е „Фрида“. Како пристапивте кон визуелното обликување на ликот на Фрида Кало и колку нејзиниот препознатлив изглед ви беше инспирација?
При кратко истражување и разгледување на неколку нејзини автопортрети и фотографии, можев веднаш да ги забележам нејзините главни најпрепознатливи карактеристики. Нејзиниот андрогинен изглед бараше само истакнување на највпечатливите делови на нејзиното лице (на пример: веѓите и усните) наспроти целосна шминка, каква што сме навикнати да гледаме на телевизија или на сцена.
Истражив дека, историски, Фрида користела минимална шминка за да ги истакне своите уникатни црти. Меѓу нејзините лични предмети се откриени: кармин, лак за нокти и молив за веѓи. Па затоа, настојував шминката за истоимената претстава да ја сведам на минимум, а сепак да го задржам она по што е препознатлива.

Колку шминката може да придонесе за публиката подобро да ги разбере психологијата и емоционалниот свет на еден лик, особено кога станува збор за силна и комплексна личност како Фрида?
Пред сѐ, кога се работи за театар, сметам дека актерот е тој што го има најголемиот притисок и е под најголем стрес да ја долови емоционалната внатрешност на својот лик пред публиката во живо. Меѓутоа, шминката и косата се многу значајни за да се создаде целосната слика на тој емоционален свет. Конкретно за Фрида, во претставата за која работам, има една клучна сцена каде што таа, во афект, го менува својот изглед, накратко кажано од женствен во мажествен, па промената во изгледот што се случува зад сцената е клучна за публиката да ја разбере нејзината внатрешна емоционална состојба. Работејќи на театарски проект сфатив дека сите елементи на една претстава (шминката, косата, костимографијата, реквизитите) имаат верижна врска и мора да се усогласени за крајниот резултат да испадне како што треба.

Кој е најпредизвикувачкиот момент зад сцената што публиката никогаш не го гледа, а е важен за конечниот изглед на актерите? И што е она што најмногу ве исполнува во работата на една театарска претстава?
Мислам дека најпредизвикувачкиот момент се случува непосредно пред самата актерска игра, на пробите. Тогаш ги гледаме сите потенцијални грешки што се случуваат или што би се случиле на сцена и наоѓаме технички начини да ги решиме за претставата да тече по план. Додека трае претставата, зад сцена веќе сѐ треба да биде организирано и подготвено за ситни поправки на премините меѓу сцените. Она што најмногу ме исполнува во оваа работа е крајниот резултат, во овој случај најважниот настан: премиерата. Секако, сите честитки и позитивни (а и конструктивни) критики што ги добивам потоа ме исполнуваат и навистина ми помагаат да се изградам во сериозен шминкер со многубројни проекти пред себе. Мојата цел е да укажам дека шминката е повеќеслојна дејност.