Изложба на цртежи од Ертунч Сали e отворена во мобилната монтажна галерија во Паркот на франкофонијата. Изложбата е насловена „Хиперактивен агорафобик“, што значи алтернативно свое, за кое се верува дека се разликува од нормалното или вистинското, оригинално, свое на една личност. Создавањето на своето алтер его бара пронаоѓање на своето друго јас, оној со различна личност.
Авторот со оваа серија цртежи ја обзнанува својата интровертна страна пред публиката. Со повеќе од 60 цртежи, изработени во повеќе техники на рециклирана хартија, една приказна ќе биде раскажана, приказна што нема крај, а крајот ќе дојде при соочувањето со стравот.
Ертунч Сали дипломирал на Факултетот за ликовни уметности како графичар и дизајнер. Своето студио го отвори во Скопје заедно со колегите од факултет, потоа познат како колектив „Кула“. Неговиот најголем придонес за културната сцена во Скопје беше да биде еден од основачите на колективот и да организира многу културни настани (концерти, изложби, настани за храна и сл.) во Скопје, како и свои изложби. Моментално работи во Скопје и продолжува со својот придонес на сцената.