Дијана Томиќ Радевска изложува во Струга

Изложбата на Дијана Томиќ Радевска е отворена во организација на центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, во просториите на музејот „Д-р Никола Незлобински“. Изложбата e посветена на нејзиното семејство и претставува историско интимно раскажување.
– Колекционирањето стари семејни фотографии аналитично го дополнуваат приказните што обработуваат едно време, еден народ, една историја. Времето е незапирливо, а испрекинато низ мислите. Фотографиите, дигитално отпечатени, се поставени во јукстапозиција, со графички листови, со цртежи и со видео, како концепт на документ и истражување. Поставувајќи ја оваа изложба, користејќи делови од куќата и фасадата на музејот „Д-р Никола Незлобински“, кој му припаѓал во минатото на моето семејство (дедо по мајка), Несторови, го заокружувам концептот – вели уметницата.
Дијана Томиќ Радевска е мултимедијална уметница и дизајнерка. Работи на графика, цртеж, сликарство, арт-инсталација, арт-видео и дизајн. Посветена е на графиката и низ класични техники, дава друга перспектива на уметноста на графиката, експериментирајќи со различни техники во монотипијата и објект-графика. Дипломирала во 1984 година на Одделот графика и графички дизајн на ФЛУ во Скопје. Членкa е на ДЛУМ од 1985 година.