Со објавувањето на книгата „Големата фабрика за зборови“, издавачката куќа „Антолог“ започнува нова агенда за одговорно однесување кон природата. Проектот предвидува програма наречена „Се грижиме за планетата“. Овој збир принципи опфаќаат конкретни мерки и активности за еколошко, одржливо, етичко и социјално одговорно однесување. Дел од чекорите што ги презема издавачката куќа се печатење на книгите на рециклирана хартија, намалување на печатењето документи и материјали, дигитализирање, активно пошумување, штедење електрична енергија и ресурси, објавување инклузивни книги што ги претставуваат и опфаќаат сите луѓе на планетата, некористење детска работна рака…
– Почетната замисла е чекор по чекор да го намалиме влијанието врз природата, а крајната долгогодишна цел е да се доближиме кон прва климатски неутрална издавачка куќа во Македонија. Книгата по која ќе биде запаметен овој пресвртен момент е сликовницата за деца „Големата фабрика за зборови“ од француската писателка Ањес де Лестрад и аргентинската илустраторка Валерија Докампо, која е објавена по највисоки печатарски стандарди – велат од „Антолог“.
Сликовницата „Големата фабрика за зборови“ е преведена на повеќе од триесет јазици. Ањес де Лестрад (1964) е француска новинарка и авторка на сликовници и книги за деца и млади. Освен тоа, осмислува забавни друштвени игри за најмладите, пишува песни и води работилница за креативно пишување. Авторка е на над седумдесет книги. Валерија Докампо (1976) е аргентинска илустраторка, која од 2006 година се посветила исклучиво на илустрирање книги за деца, при што користи класични и дигитални техники и постојано истражува нови изразни форми. Во изданието на „Големата фабрика за зборови“ на македонски јазик преводот од француски е дело на Владо Ефтимов, а ликовно-графичкото обликување е на Марко Трпески.