„Штрих“ – ново театарско здружение

„Штрих“ е ново невладинo, непартиско и непрофитно здружение, формирано од професионални културни работници и независни уметници, за културно-уметнички и едукативни активности. Има цел да дејствува во доменот на подобрување на културниот живот и како посебна цел и задача го поставува придонесот во креирањето и дејствувањето на културното живеење во нашата земја, со акцент на театарската и филмската уметност и културно-едукативниот развој.
– „Штрих“ е простор за вежбање храброст и за пркосење на стравот, за преиспитување вредности, за спознавање на себеси во новото време – вели Борче Василески, режисер и член на здружението „Штрих“.
Неодамна, „Штрих“ во Битола ја имаше премиерата на првата претставата „Only Artists Left Alive“, која говори првенствено за моќта и способноста на актерот и за сето она што актерската уметност може да му го даде на човештвото со поставување на прашањето „Дали научивме нешто од сево ова?“ Скопската премиера е предвидена во септември. Претставата е копродукција на независното здружение „Штрих“, Народниот театар од Битола и Младинскиот културен центар од Скопје.
– „Штрих“ е ослободување од стегите во кои сме заглавени. Нов културен почеток. Искреност, посветеност, труд, љубов и пот. Страста кон професијата и потребата да создаваме и креираме нѐ иницира да го основаме „Штрих“. Потребата за лична и општествена промена. Пасивноста на луѓето во и надвор од театарот и потребата нашиот глас да биде чуен го иницираа создавањето на „Штрих“ – вели Томислав Давидовски, актер, кој исто така е член од здружението.
Здружението ќе се стреми да создава автентичен и личен продукт што ќе ја оживее и активира, како што велат оттаму, стерилната театарска креација во нашата земја.
– Актерската уметност му нуди на човекот да се види себеси преку актерот, да види дека не е сам и дека и тој може нешто да промени. А актерот е авангардата. Тој што предводи идеја. Што носи промена. Со неговите дела и ставови се стреми кон подобар свет. Но, очигледно, низ текот на историјата до публиката и општеството не допреле ниту една порака, став, идеја. Повторно има војни, повторно грешиме. Ништо не сме научиле. Насловот на претставата „Only Artists Left Alive“, чија премиера се случи во Битола, зборува за тоа дека во светот ништо не се менува, односно дека историјата постојано се повторува. Претставата ги отвора прашањата што е тоа што ние како актери треба да го направиме за конечно да се подобри светот. Но ова не би требало да остане само на актерите. Овој мотив треба да се побуди кај секој човек – истакнуваат од екипата.
Сѐ повеќе се отстапува простор за независната сцена кај нас, се самоохрабруваат повеќе независни театри, се отстапува сцената и на нова генерација актери.
– Независната театарска сцена зазема сѐ поголем замав и е сѐ поангажирана. Овде, во овие независни продукции најголем проблем е просторот. Поразителен е фактот дека многу малку институции ги отвораат вратите за независната театарска сцена. Но ние продолжуваме со нашите замисли и моментално сме во подготовки на нашата програма за следната година – велат од „Штрих“.