Изложбата насловена „Големата Мајка“ на кавадаречкиот ликововен уметник Лазар Дојчинов“, која ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во галеријата на домот на културата во Кавадарци, е посветена на месецот на пролетта – март.

Ќе бидат изложени исклучиво акварели најчесто со пролетни и цветни мотиви и пејсази инспирирани од топлото тиквешко поднебје. Она што е ново како мотив во делата на Дојчинов секако е неолитскиот култен предмет од керамика обликуван во вид на божица – куќа познат како „Големата Мајка“ по кој е и насловена вечерашнава изложба.

Моќниот симбол на божество познат како Мајката – Земја која ги раѓа и контролира водата и сонцето, билките и животните, па дури и самиот човек. Таа повторно ќе го оживее и ќе го породи покојникот, откако во позиција на фетус, ќе биде погребан во нејзините недра. Самата куќа исто така била претставувана со ликот на оваа божица каде долниот дел од женската фигура е претставен во вид на макета на куќа.

Заедно со други заоблени керамички производи за храна кои исто така ја симболизираа плодородната утроба божицата Мајка е централен мотив во делата на Дојчинов која заедно со разбудената природа и цветните полиња ја слават пролетта и раѓањето на нов живот. На многу акварели доминира и жената но не само во статична позиција туку разиграна и со виолина во рацете, мотиви со зрели плодови и расцветани овошни дрвја. Ми.М.