Деновиве од печат излезе романот „Среќните луѓе не слават родендени“ од Сашо Кокаланов, во издание на издавачката куќа „Или-или“ од Скопје. Романот е семејна драма за едно сиромашно семејство од Дримкол, инспирирана од вистинска приказна и претставува краток и згуснат книжевен запис, кој на очигледен и нескриен начин кокетира со еден сосема поинаков јазик од книжевниот – филмскиот. Романот не крие дека е роден како сценарио за филм, а потоа при метаморфозата авторот намерно настојува четивото да си го промени крзното, но не и ќудот.
Динамиката на романот е повеќе од очигледно филмска. Описите се онолку детални колку што е потребно за да може природно убедливо, но и вехементно да бидат визуализирани од читателот, а дејствието и сликите се менуваат – ајде да ја избегнеме фразата „како на филмско платно“ и да бидеме уште попрецизни – така што ќе му понудат привид на гледање филм снимен во еден кадар. Можеби оттука и одлуката на авторот приказната да ја раскаже Бернардовски, во еден пасус, во еден здив, со „претопи“ на фокусот од еден кон друг лик, изведени на еден иновативен јазичен манир – во една иста реченица.
Сашо Кокаланов е писател, сценарист, драмски писател, сатиричар, новинар. „Среќните луѓе не слават родендени“ е негов шести роман. Работи како професор по филмско и телевизиско сценарио на ФДУ во Скопје.