Фото: Пиксабеј

Американската вселенска агенција НАСА се подготвува да започне експеримент наречен ГУСТО, кој е кратенка од Галактичка/екстрагалактичка УЛДБ-спектроскопска опсерваторија Терахерц, чија цел е да создаде 3Д-мапа на дел од галаксијата Млечен Пат.
Експериментот ГУСТО вклучува телескоп што ќе лебди на надморска височина од 36,6 километри над Антарктикот, користејќи балон во период од најмалку 55 дена, и ќе „апсорбира“ радиобранови со висока фреквенција што продираат во космичката меѓуѕвездена средина, термин што се однесува на гасови, прашина, радијација и други материјали што го сочинуваат просторот помеѓу ѕвездите.
ГУСТО ќе бара сигнали за јаглерод, кислород и азот во меѓуѕвездената средина, а со тоа и индиции за тоа како се формираат ѕвездите и планетите, конкретно што предизвикува вселенските честички да се здружат за да формираат молекуларни облаци што му претходат на формирањето на ѕвездите.
Балонот ќе полета од антарктичката станица Мекмурдо најрано на 21 декември. Мисијата ќе ја открие 3Д-структурата на Големиот Магеланов Облак, џуџеста галаксија во близината на Млечниот Пат, која е видлива со голо око од делови на јужната хемисфера на Земјата. Телескопот ќе лета во атмосферскиот антициклон на Јужниот Пол, кој ќе го води во кругови околу полот за време на мисијата.