Фото: Пиксабеј

Јужен Судан, Авганистан, Сирија, Либија и Сомалија се прогласени за најризични земји за 2024 година на списокот што го состави медицинската и безбедносна консултантска куќа „Интернешнл СОС“.
Мапата проценува различни фактори за да ги информира патниците и бизнисите за потенцијалните закани во земјите низ светот. Таа ги собира процените на ризикот по здравјето и безбедноста, како одраз на влијанието на настаните како што се тековниот конфликт во Украина и војната меѓу Израел и Хамас.
Годинава првпат мапата вклучува и оцени врз основа на опасностите од климатските промени. Земјите се оценети за секоја ризична категорија, медицински, безбедносни и климатски промени, на скала од пет нивоа, која се движи од „ниско“ до „многу високо“ за медицински и климатски промени и „незначително“ до „екстремно“ за безбедност.
Во категоријата „безбедност“, Украина, Сирија, Ирак, Авганистан, Либија, Јемен, Јужен Судан, Централноафриканската Република и Сомалија добија највисоко ниво на предупредување „екстремно“.
Делови од Либан, Палестина и Русија забележаа пораст на безбедносниот ризик, заедно со Еквадор и делови од Колумбија по зголемувањето на криминалот и немирите.
Сите најбезбедни земји се во Европа: Исланд, Луксембург, Норвешка, Швајцарија и Данска. Во категоријата „медицина“, земји означени како „многу висок“ ризик се Сирија, Ирак, Авганистан, Јемен, Северна Кореја, Палестина, Хаити, Либија, Нигер, Буркина Фасо, Гвинеја, Гвинеја-Бисао, Сиера Леоне, Либерија, Судан, Јужен Судан, Централноафриканска Република, Еритреја, Бурунди и Сомалија.
Земји со „многу висок“ ризик во категоријата за климатски промени се: Сирија, Ирак, Авганистан, Јемен, Чад, Нигер, Мали, Нигерија, Централноафриканската Република, Јужен Судан, Етиопија, Сомалија, Демократска Република Конго и Мозамбик.