Поетот Милчо Мисоски за својата книга „Зборови од хартија“ што ја издаде „Антолог“  појаснува дека во овој свет на измисленото што постои само во сегашноста зборовите ја имаат вредноста на хартијата.

-Тие постојат и без нас, тие кутрите наши следбеници или наследници како и да ги наречеме, тие знаат се за вечноста за верноста која ја ветуваме на здивот во нас – посочува авторот Мисоски.

За поетската збирка на Мисоски,  авторката Марта Маркоска во нејзината рецензија информира  дека поетот отсекогаш бил во потрага по совршените зборови, но овде, Мисоски му ги простува на зборот сите речености и недоречености, затоа што сфатил дека самото наше постоење е недоречено.

– Се појави зборот и ги раскара луѓето! Затоа оваа импресија ќе ја читате однаопаку. Оти често, сакајќи да кажеме нешто исправно – излегува наопаку, и обратно. Кажаното однаопаку удира право во – целта. Некогаш, дури често, луѓето подобро се разбираат без зборови. И поарно меѓу себе се сложуваат неписмените. Многупати. Писмените често ја промашуваат и смислата и поентата – наведува Маркоска.

Таа истакна дека книгата „Зборови од хартија“ изобилува од мудри сентенци, во стилот на персискиот поет Руми.

– А кога не би имала наслови на песните, би можела да биде дел од една поема. Поема за зборот. За зборот – живот, кој поминува додека го изговориш. Во еден здив. Како што се чита и оваа прекрасна книга – потенцира Марковска.

Поетот Милчо Мисоски е роден 1972 година во Струга. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, специјалист микробиолог, примариус, магистер на медицински науки.

Тој е автор на неколку поетски збирки:„Чекајчи го ангелот“ (1992), „Waiting for the angel“ (2019) второ издание со превод на англиски јазик, „Записки“ (2013), „Изневерено време“ (2016), „Песочни капки“ (2017), „Стаклени сенки “(2020), „Ефемида“ (2022), „Зборови од хартија“ (2024).

Негова поезија е застапена во антологиите: „Поетите од Струга” (2001г.) во издание на СВП, „Дај две љубовни” (2015) и „Нема стих нема мир” (2017) Антолог.

Објавува поезија во повеќе книжевни списанија (МОСТОВИ, ОДЗИВИ и др.)  на просторите од поранешна СФРЈ, како и во Современост, Стожер, Раст. Добитник е на повеќе книжевни награди.