„Индекси и пријателите“ од Љубљана ја стартуваа регионалната турнеја, но без Тамара
Тодевска која од приватни причини не може да учествува на концертите. Тодевска нема да учествува и на концертот во Скопје, што в петок (28 октомври) од 20 часот се одржува во Филхармонија.

Медиумските извештаи од регионот сведочат за голем интерес од публиката за прославата на 60. роденден на култниот сараевски бенд, кој беше поводот компанијата „MUSIC TIME“ да организира и продуцира пет големи регионални концерти со 20-тина врвни изведувачи и музичари од регионот.

На турнејата се приклучија членови на бендот: Фадил Реџиќ, Нено Јурин, Мирослав Шарановиќ, Синан Алимановиќ, Пецо Петеј, Владо Правдиќ, легендарниот клавијатурист на Бијело Дугме кој музичката кариера ја започна во Индекси, и гитаристите Мурис Варајиќ и Иван Кукиќ. Тие заедно со пејачите Дадо Топиќ, Саша Драгаш, Дејан Цукиќ, Бранко Ѓуриќ – Ѓуро, Дино Јелушиќ, Нермин Пушкар, Бојана Стаменов, Амел Ќуриќ, Аида Мушановиќ – Арсиќ, Сара Војичиќ и Нено Белан ќе настапат во Скопје.

Индекси е најдолготрајната и најзначајната босанска поп-рок група и една од најдобрите екс-ју бендови која жареше и палеше од 1962 до 2001 година. Последниот концерт на Индекси се одржа на 5 мај 2001 година во Бања Лука, во салата Борик. По смртта на пеinјачот Даворин Поповиќ на 18 јуни 2001 година, групата се растури.

Гитаристот Слободан Бодо Ковачевиќ почина на 22 април 2004 година, тапанарот Ѓорѓе Кисиќ на 25 ноември 2005 година, а неодамна нè напушти и легендарниот Корнелије Бата Ковач.