Војводи на Македонската револуционерна организација (МРО). Седнати, од лево кон десно: Панајот Бајчев, Питу Гули, Коста Мазнејков, Христо Чернопеев, Андреј Христов, Тодор Христов. Исправeни, од лево кон десно: Никола Жеков, Константин Кондов, Сотир Атанасов, Тимо Ангелов, Никола Дечев и курирот Кољо Сарафчето

Фотографијата е само мало парче од една комплексна сложувалка, која дополнува една поширока слика за реалноста што нѐ опкружува. Фотографиите имаат важна улога во општеството. Тие нѐ потсетуваат и нѐ поврзуваат со нашето минато, со генерациите пред нас, со нашите предци и со нивните предизвици и стремежи. Фотографијата има скриена моќ. Таа може да му помогне на општеството да ја открие, научи и разбере историјата и што пореално да го согледа животот од минатото. Фотографијата раскажува приказни и спомени од минатото, документирајќи ги нештата за да можеме да се навратиме и да запомниме.
А токму тоа е целта на нашиот проект – преку колоризирање на црно-белите историски фотографии од крајот на 19 век, со примената на новата технологија, да се доближиме и да ги почувствуваме поблиску нашите предци од Македонија, да го разбереме нивниот начин на живот…
Преку оригинален колорит, истражен и додаден на старите фотографии, би сакале за нашите читатели и за граѓаните да се отвори една друга, подлабока димензија за перцепцијата кон нашите предци, а фотографијата да ја збогатиме со една сосема нова перспектива.
На тој начин, намерата на проектот е сите ние да се зближиме со илинденските генерации, со нивните желби, усилби, амбиции да се постигне македонскиот идеал: своја држава, суверенитет, слободно изразување на својот мајчин јазик, покажување на својот автентичен културен израз…

Непознат комита на Македонската револуционерна организација (МРО)

Фотографијата остава вечна трага, но нејзината приказна мора постојано да се прераскажува, во спротивно ќе исчезне засекогаш. Фотографијата сама по себе ја говори вистината. Таа во себе често содржи и тајна порака, која треба да се одгатне.
Токму во тој контекст, нашиот проект на додавање реален колорит на старите фотографии дава уште поголема можност за одгатнување на скриените пораки, за нов и свеж визуелен и ментален впечаток, а секако и за разбивање на стереотипите. Стимулирајќи го новото творештво преку визуелната уметност, поттикнуваме развој на иновативност и креативност.

Минџо Тодев и Кочо Молеров

Но би сакале да истакнеме дека тежишната општествено одговорна цел на нашиот проект е преку колоризираните фотографии визуелно да ги истакнеме деталите и белезите за богатството на културите и етникумите што заедно со Македонците егзистирале на овие простори. Да ги истакнеме традиционалниот и вкоренет соживот, почитување, уважување и меѓусебно помагање на луѓето што отсекогаш живееле во Македонија. На нашите фотографии се претставени истакнати дејци од македонското револуционерно движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Досега во нашето општество како да се пренебрегнуваа мултиетничноста и интеркултурноста на споменатиот период. Имено, во редовите на македонското револуционерно движење, покрај Македонците, учествувала и преостанатата слободољубива популација на нашата татковина, без разлика на етникумот и верата.

Четата на Блаже Крстев и Георги Ралев

Сега, веќе на прв поглед, на нашите колоризирани фотографии од овој историски период веднаш се препознаваат белезите на облеките на комитите, кои откриваат дека борбата се водела заеднички, за правата и еднаквоста на сите жители, без разлика на верата и етничката припадност. Во редовите на револуционерното движење, на нашите фотографии веднаш се препознаваат рамо до рамо Македонци, Албанци, Власи, Турци и многу други. Колоризираните фотографии го потврдуваат споменатото, но сега во спектар на повеќебојна светлина, со што имаме можност да ги привлечеме новите генерации. Во денешниот прилог ви доставуваме фотографија на која може да се види револуционерна чета од споменатиот период, каде што се потврдува мултиетничкиот и интеркултурен карактер на револуционерното движење. Преку колоритните фотографии ние најсликовито ги презентираме нивните заеднички исконски најдлабоки желби и патриотски стремежи за живот во своја слободна татковина. А преку овој проект, ние токму денес поттикнуваме интеркултурен дијалог, разбирање и соработка во развивањето на нашата држава во насока на нејзиниот одржлив развој.

Непознати македонски комити

И за крај уште една, последна, но не помалку важна, туку, напротив, многу важна цел на нашиот проект е да ги истакнеме местото и улогата на жената во нашето општеството, разбивајќи ги старите стереотипи за жената во Македонија. Македонското револуционерно движење по својата суштина се карактеризирало со голем слободарски дух, а самите фотографии го потврдуваат искажаното.

Јустиниjана (Јанка) Каневчева, учителка, активистка на МРО, девојка на Гоце Делчев

Преку колоритните фотографии, со проектот би сакале да фрлиме посилно и појасно светло на жената на овие простори од крајот на 19 век, осветлувајќи ги грациозноста, привлечноста, стројноста, но и убавината, шармот и гламурот на македонската жена, која повторно блеснува на оживеаните колоритни фотографии. И да на ја заборавиме нашата интенција да ја прикажеме уникатноста на родовата еднаквост на овие простори. На историските фотографии може да се видат голем број жени кои биле рамноправни со мажите во секој поглед. Како прилог ви ја доставуваме фотографијата на Јустинијана (Јанка) Каневчева, истакната револуционерка од споменатиот бурен период.

Со почит,
Од авторите на проектот


Проектот „Мултикултурализмот и родовата еднаквост низ историските фотографии“ е финансиран од Министерство
за Култура на РС Македонија


Дизајн и изработка на Фотографии: Дејан Јовески
Уредник/новинар: Далибор Станковиќ
Во соработка со првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“