Фестивалот АКТО продолжува во септември

Осумнаесеттото издание на фестивалот АКТО се надоврзува на истражувањата од претходните две изданија во 2021 и во 2022 година, кои ја истражуваа темата „Современи (не)демократии“ во обид за согледување на процесите на приватизација, отуѓување, бришење и ревизија на историјата. Годинава преку тематиката – јавните простори во движење – презентира неколку практики што замислуваат ослободен простор, дури и привремено, за оспорување на постојните наративи преку соработка кон кревање на гласот со игнорираните, запоставените, замолчените…

Во септември фестивалот продолжува со поинтензивна динамика на настани и активности. На 14 септември следува свеченост заедно со наградата „Денес“ на нејзиното 20-годишно постоење како една континуирана и посветена заложба на создавање простор за младите уметници до 35 години. АКТО обезбедува престој и за неколкумина странски уметници во Скопје, кои есенва ќе се осврнат на локални архитектонско-урбанистички и визуелни феномени преку проектите „Активен ГРА(Д)/ѓани“ и „Не сакаме да бидеме ѕвезди туку делови од соѕвездија“.

Во рамките на фестивалот ќе се отвори и лабораторијата за просторно-изведувачки интердисциплинарни практики „Градот како сцена“ во соработка со Архитектонскиот факултет од Скопје, како нова едукативно-истражувачка и продукциска платформа. Во рамките на лабораторијата фестивалот ќе ја продолжи соработката со организацијата „Фрлачи на сенки“ од Загреб преку изложбата што го поставува прашањето како да се размислува за заедница и солидарност во моментот по природна катастрофа. Во октомври на Архитектонскиот факултет ќе има проекција на документарниот филм „Витиќ танцува“, дваесетгодишна епопеја на уметникот Борис Бакал, низ еден станбен модернистички објект во Загреб, дело на архитектот Иван Витиќ. Во ноември АКТО ќе ги претстави продукциите на ФРУ на Националните павилјони на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор 2023 во рамките на МОТ, а заокружувањето на годинешната програма ќе се случи со најновата претстава на уметницата Власта Делимар во Драмскиот театар во последниот месец годинава. В.Д.