Филмот на Косара Митиќ во трка за „Срцето на Сараево“
Македонскиот долгометражен игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ премиерно беше прикажан пред преполната сала во Народно позориште – Сараево, во рамките на 32. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Сараево. Оваа регионална премиера го означи официјалниот почеток на трката на филмот за престижната награда „Срцето на Сараево“ во главната натпреварувачка програма за долгометражен игран филм. Фестивалот во Сараево важи за еден од најважните културни настани во Југоисточна Европа и претставува клучна платформа за промоција на регионалната кинематографија на глобално ниво. Секое лето, фестивалот привлекува над 100.000 посетители, филмски професионалци и критичари од целиот свет, а учеството во неговата главна натпреварувачка програма претставува една од највисоките потврди за уметничкиот квалитет на еден филм.
Филмот „17“ е дел од престижната селекција од само девет долгометражни остварувања во натпреварувачката програма. Селекторката на програмата, Елма Татарагиќ, истакна дека дури шест од нив се режирани од жени, што сведочи за сè посилниот женски авторски глас што ја обликува иднината на филмот во регионот. Во оваа исклучително силна конкуренција, „17“ влегува во трка за наградите „Срцето на Сараево“ за најдобар филм, најдобра режија, како и за наградите за најдобра актерка и актер. Ова претставува уште еден огромен успех за македонската кинематографија на меѓународната сцена, потврдувајќи ја водечката улога на новата генерација македонски авторки, кои со храбри и автентични приказни освојуваат клучни светски фестивали.
Годинава, за добитниците на „Срцето на Сараево“ одлучува реномирано меѓународно жири предводено од британската актерка Емили Вотсон, во чиј состав влегуваат и хрватскиот режисер Игор Безиновиќ, македонската актерка Сара Климоска, директорот на Европската филмска академија, Матис Вутер Нол, и грчката режисерка Атина Рахел Цангари.
Премиерата во Сараево е продолжение на успешната фестивалска турнеја на „17“. По светската премиера на Берлинале, каде што „17“ стана првиот македонски дебитантски игран филм во изминатите 26 години селектиран во официјална конкуренција, филмот беше дел од официјалните програми на фестивали во Хонгконг, Уругвај, Италија, Полска, Словачка, и Шпанија и Израел, каде што неодамна ја освои и престижната ГВФФ-награда за најдобар дебитантски филм на Ерусалимскиот филмски фестивал.
На премиерната проекција во Сараево присуствуваше дел од екипата зад и пред камерата, меѓу кои режисерката Косара Митиќ, актерките и актерите Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ана Стојановска и Петар Маниќ, главниот продуцент Томи Салковски („Црна мачка продукција“), копродуцентите Владо Булајиќ и Лија Погачник („Децембер“, Словенија) и Мирослав Могоровиќ („Арт и попкорн“, Србија), како и членови на интернационалниот авторски тим.


































