Колку е важно децата да растат со сликовници, да бидат опкружени со книгите и да ја развиваат визуелната култура – беа само дел од темите што Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ викендов ги отвори во Гевгелија. Карванот на фестивалот ги посети основните училишта „Владо Кантарџиев“ и „Крсте Мисирков“ во Гевгелија и „Ристо Шуклев“ во Негорци и се сретна со љубопитните дечиња спремни за нови сликовници и приказни.
Преку промоција на неколку наслови од поновата македонска издавачка продукција за деца, пред учениците беа отворени прашањата за: значењето на сликовницата како прва средба и со илустрацијата и со пишаниот збор, за важноста од читањето книги, збогатување на речникот, развивање на фантазијата и на креативноста.
Тимот на „Литера“ гостуваше во Гевгелија на покана на Домот на културата „Македонија“ каде што беше поставена и изложбата „Дом без граници“, составена од илустрации на четворица македонски автори: Кристијан Јованоски, Наташа Андонова, Инес Ефремова и Надица Златкова-Митевска.

Истата изложба неодамна беше претставена и во Пазин, Хрватска, каде што наиде на одличен одѕив, а гевгеличани ќе имаат можност да ја погледнат и во наредните десетина дена.
„Како се создава сликовница“ беше темата на саботната работилница која помина во прекрасна атмосфера.

Весели детски насмевки, љубопитни очи, шарени цртежи и многу, многу приказни. Малите љубопитници и по три часа не сакаа да ги завршат своите дела или бараа да им се прочита приказна плус.
„Сликовница без граници“ беше темата на трибината на која креаторите на фестивалот разговараа со своите домаќини од Домот на културата.
– Сликовницата е првиот медиум преку кој децата учат за приказните и за илустрацијата. Таа е многу важна уште од најрана возраст, а актуелните светските тенденции велат дека никогаш не е прерано, ниту предоцна за сликовница. Сè повеќе автори и издавачи креираат сликовници и за возрасни, затоа е многу важно сликовницата и воопшто книгата да биде дел и од формалното и од неформалното образование и на децата и на младите, но и на возрасните – рече новинарката Сребра Ѓорѓијевска, модератор на трибината.
Многу е важно децата најпрвин визуелно да го осознаат светот, а потоа и низ растењето и низ образованието да ја запознаат уметноста во сите форми. Тоа е многу корисно за нив, но и за општеството, се надоврза Мирјана Крстева Массетти, ликовна уметница и директорка на Домот.
– Така се создаваат генерации на кои културата и уметноста нема да им бидат туѓи и на нив нема да гледаат со потценување. Тоа ќе бидат генерации кои ќе имаат вештина и за критичко промислување на нештата – истакна таа.


Знаеме дека сме на добар пат, доколку и по три часа поминати во раскажување приказни и цртање, децата не сакаат да си заминат, рече Софија Семенпеева-Трајановска, основач на фестивалот.
– Ако сме инспирирале и само едно дете да продолжи да биде љубопитно за креативно изразување, нашата мисија успеала. Токму затоа годинава „Литера“ реши да патува и да ги доближи квалитетните изданија до што повеќе деца од цела Македонија – подвлече таа.
Патувачкиот карван досега ги посети Богданци, Валандово, како и селата Чалакли и Казандол, а следната активост е предвидена за во Скопје.