Фото: Игор Бансколиев

Синдикатот на вработените во ЈСП попладнево одлучи засега да не го активира штрајкот и дека ќе почекаат уште утре да ја добијат ветената плата.

– По најавите за штраk, раководството на ЈСП се огласи со соопштение во кое стои дека во наредните денови вработените ќе ја добијат заслужената плата и граѓаните нема да останат без јавен превоз – изјави Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски.
Од ЈСП денеска соопштија дека вработените во наредните денови ќе ја добијат заслужената плата и оти нема да дозволат скопјани да останат без јавен превоз. Очекуваат дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието.

– Веруваме дека централната власт и дел од општините ќе ги исплатат заостанатите обврски кои ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници, средства со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП. И покрај тешката ситуација, на која никој во државата не остана имун, работиме за јавниот превоз да продолжи да функционира без проблеми во интерес на сите негови корисници – соопштија од ЈСП Скопје.