Досега театарот има 18 претстави и уште неколку други проекти

Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје, оваа година ќе заокружи четиригодишно постоење. Во 2020 година, првите одиграни претстави на овој независен театар беа дел од ретките културни збиднувања за време на корона-пандемијата. Во јули, истата година, овој театар имаше единствена премиера и изведба на театарска претстава по неколку месеци во Македонија и на Балканот воопшто, првата претстава „Не ми го чепкај пивото!“ во режија на Ѓорѓи Ризески.

Досега театарот има 18 претстави и уште неколку други проекти. Основачи на театарот „Златен Елец“ се актерите Бобан Алексоски и Надица Петрова.
– Овој роденденски месец, веќе во недела ќе го почнеме со најновата претстава за деца „Чудесниот напиток“ – авторски проект на Надица Петрова, во 13 часот, во „Јавна соба“ – Скопје, а вечерта на репертоарот е монодрамата „Пингвинот“ – авторски проект на режисерката Тамара Стојаноска, во 19 часот, во „Кафе и филм Котур“ – Скопје. Потоа на 26 февруари во театарот во Велес ќе се изведе третата изведба на претставата „Добри луѓе“ во режија на Тамара Стојаноска, а на 28 февруари, во „Јавна соба“, Надица Петрова ќе настапи со својата стендап-комедија „Не се курчи!“, истата вечер во Прилепскиот театар ќе се одигра четиринаесеттата изведба на претставата „Грета“ – нѐ информираа од „Златен Елец“.

Почетната цел на овој театар е развој на независната сцена на овие простори, место за сите невработени актери што сакаат да творат независно, поттикнувајќи се од ситуацијата со театарот и културните работници во Македонија.
– Финансиската поддршка можеби е најголемиот проблем со кој се соочуваме, институциите што финансираат најчесто не го гледаат потенцијалот на овој театар зашто досега само еднаш има добиено државни пари на име на театарот, во 2021 година. Досегашното искуство со независниот театар ни вели дека Македонија е жедна за театарот, за „новиот“ театар, кој уште подиректно ѝ се обраќа на публиката денес. Кога гостуваме со која било претстава, без разлика дали е за деца или за возрасни, топлината на луѓето во внатрешноста на државава што доаѓаат на претставите е посебна и заслужува еднаков третман како публиката во Скопје. Заинтересираноста е голема и тоа е она што нѐ тера да се вратиме секогаш во кој било град со друга претстава – велат од театарот.

Монодрамата „Дневникот на лудиот“ на фестивалот „Актерот на Европа“ во Ресен (2020) беше наградена за најдобар актер (Преспански Дионис), а две години подоцна актерката Димитрина Мицковска Трајковска освои награда за најдобра актерка на фестивалот на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ во Неготино за претставата „Грета“ во режија на Тамара Стојаноска.
Минатата година, дуодрамата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска, освои две награди: за најдобра независна македонска продукција на фестивалот „Млад отворен театар“, наградата „БИШ“ и на фестивалот на дуодрама во Неготино, главната награда „Бранко Ѓорчев“ за најдобра партнерска игра за актерите Бобан Алексоски и Лео Поповиќ.

– Досега сме играле насекаде низ Македонија, а сме биле и на два меѓународни фестивала во Турција и во Србија. Сакаме да изразиме особена благодарност до сите соработници, а најмногу до институциите и објектите што ни отстапуваат простор за да ги работиме и да ги играме претставите – истакнуваат основачите.
Во текот на годинава, и покрај неодобрените средства од Министерството за култура, независниот театар ќе најде начин за новите проекти, кои има во план да ги работи, а во чест на наградата „БИШ“ од минатата година, годинава театарот „Златен Елец“ треба да подготви претстава за фестивалот МОТ 2024 година во соработка со Младинскиот културен центар од Скопје.

С.Ј.