Со концертот на неофолк-бендот „Калата“, денеска, во „Јавна соба“, започнува сесијата „Светско, а наше – саботи на светска музика“. Со овој проект се дава посебен акцент, во форма на мини-фестивал, секоја сабота, на најдоброто од нашата држава во жанрот – светска музика.
„Калата“ е неофолк-бенд од Скопје, Македонија, кој прави паралела помеѓу источната и западната култура, со акцент на традиционалната македонска музика. Без ограничувања, музичарите се потпираат на своите чувства и инспирација и со тоа се слободни да го свират она што ќе го побара нивната имагинација. Од 2018 година, „Калата“ настапува низ целата земја, вклучувајќи ги и „Д-фестивал“, „Пин – музичката конференција“ и некои европски фестивали како ММВВ од Барселона и „Балкан мост фестивал“ од Веспрем. „Калата“ е исто така дел од „Мост мјузик програм“ – балканска музичка експорт-програма, што поддржува светски музички уметници и бендови од Балканот. Нивниот прв албум „Калата“ ќе биде наскоро објавен, а дел од овој материјал ќе биде претставен и пред публиката во „Јавна соба“ – велат организаторите.
Членови на „Калата“ се: Минела Богдановиќ – вокал; Марија Илиевска – бек вокал; Симеон Ангеловски – бас; Александар Бошков – гитара; Кирил Кузманов – саксофон; Дамјан Грујо – тапани.
„Јавна соба“ веќе ги најави и следните домашни музички артисти што се дел од овој проект – прекрасната и уникатна Зарина Првасевда со својот бенд, како и веќе добро познатите „Фолтин“ од Битола.