„Крилче“ од авторките Клаудија Лагерман и Ханке Сименсма е прекрасна сликовница за деца над тригодишна возраст. Главниот лик, Крилче, е една мила птица што има страв од летање. Така, кога неговите пријатели наесен ќе заминат во топлите јужни краишта, Крилче ќе остане сам. Сепак, Крилче можеби е плашлив, но тој има големо срце. Несебично помагајќи им на сите животни по патот, тој за некое време ќе стане вистински херој и ќе го надмине стравот од летање.
Авторката Клаудија Лагерман работи како уредничка во холандскиот весник за деца „Кидсвик“ и работи на развој на детски програми за холандската национална телевизија. „Крилче“ е нејзина прва сликовница. Илустраторката Ханке Сименсма студирала на Кралската уметничка академија во Хаг. За своите илустрации во книгата „Малиот мудар волк“ ја добила наградата за најдобра детска книга на колеџот „Бенк стрит“ во 2021 г.
Оваа книга е објавена во рамките на проектот „Соочување со неизвесноста: современа европска литература“ што издавачката куќа „Артконект“ го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.