Изложбата во Чикаго, која е составена од македонски и од балкански археолошки предмети, ќе трае до крајот на годинава, а потоа турнејата ќе продолжи во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава. Претходно изложбата беше претставена во Институтот за древни студии во Њујорк
Големата меѓународната изложба „Првите кралеви на Европа“ на 31 март ќе биде отворена во Чикаго, Соединетите Американски Држави. Станува збор за турнеја на најголемата изложба на балканската предисторија во светот, која истовремено претставува најзначаен археолошки настан во САД посветен на овој регион, во која покрај дваесетина балкански музеи се вклучени и Заводот и музеј – Битола, Музејот во Гевгелија и Заводот и музеј – Прилеп. Изложбата во Чикаго, која е составена од македонски и од балкански археолошки предмети, ќе трае до крајот на годинава, а потоа турнејата ќе продолжи во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава. Претходно изложбата беше претставена во Институтот за древни студии во Њујорк.
Гостувањето на изложбата „Првите кралеви на Европа“ во периодот од 2022 до 2024 година е во организација на Филдовиот музеј од Чикаго.
Координаторот на изложбата, археологот Гоце Наумов, искажа задоволство што за првпат македонската археологија, овој пат со предмети од предисторијата, се претставува на толку голем настан во САД и изрази верба дека оваа изложба ќе биде инспирација за натамошни вакви проекти и за другите периоди, со кои ќе се афирмира македонското културно наследство. Наумов објасни дека турнејата на „Првите кралеви на Европа“ започна од Њујорк, следува Чикаго, до крајот на годинава, а потоа патува во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава. Наумов, кој според процените вели дека изложбата ќе има околу милион посетители, ја повика големата балканска дијаспора во Чикаго да се запознае со овие репрезентативни предмети, подвлекувајќи дека станува збор за интересен културолошки контекст за Балканот што ја носи оваа ексклузивна изложба.
За изложбата, која нуди значајни стручни наоди што говорат за одблесоци од предисторијата, а кои имаат големо цивилизациско значење во културен, стопански, социјален контекст, зборуваше и директорката на Битолскиот завод и музеј, Мери Стојанова. Таа, изразувајќи го задоволството од реализацијата на изложбата, рече дека ова е проект што отвора нови можности за идни соработки. Стојанова особено го истакна значењето на поддршката што за оваа изложба ја има Амбасадата на САД во земјава, потенцирајќи ја одличната соработка со американската амбасада и Американскиот фонд за заштита во многу проекти со Битолскиот завод и музеј.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност до сите археолошки тимови и истражувачи на предисторијата на просторот на нашата земја за придонесот во изложбата и изрази уверување дека изложбата ќе одекне во стручните кругови на археологијата поради својата ексклузивност и поради своето значење.
Во Чикаго ќе бидат претставени сите предмети селектирани за оваа изложба, меѓу кои има извонредни одблесоци на предисториската уметност од неколку македонски локалитети.
– Со оваа изложба, преку експонатите неолитски жртвеник, енеолитски скиптар и железнодобен накит од локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци, пред светот ќе проговориме за достигнувањата на луѓето од нашата земја што живееле и создавале уметност, ги развивале технологијата и стопанството во периодот од 7 до 5 милениум пред новата ера. Ова се единствени и уникатни артефакти што зборуваат за нашите приказни од предисторијата, кои, се разбира, се проткајуваат и денес – додаде Костадиновска-Стојчевска.
За изложбата се изработени извонреден зборник и каталог, уредени од авторите д-р Атила Гјуча и д-р Вилијам Паркинсон, кои се публикувани од престижната издавачка куќа на археолошкиот институт „Котсен“ при Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес. В.Д.