Наводно, Аргентинецот побарал годишна плата од 40 милиони евра и загарантирано место во почетниот состав, пренесуваат француските медиуми

ФУДБАЛ

Договорот на славниот аргентински фудбалер Лионел Меси со францускиот клуб ПСЖ истекува на крајот од сезоната и челниците на клубот прават сѐ за да го убедат да ја продолжи соработката, пренесуваат француските медиуми.
Меси сѐ уште не решил каде ќе ја продолжи кариерата, но сериозно размислува и за продолжување на соработката со досегашниот клуб. Сепак, тој постави два големи услова за новиот потпис. Наводно, тој побарал годишна плата од 40 милиони евра и загарантирано место во почетниот состав пред секој натпревар. Аргентинецот сака да биде сигурен дека ќе игра без разлика на неговата моментална форма и кој ќе биде на клупата на ПСЖ следната сезона.
– Аргентинецот сака да остане во форма, бидејќи планира да игра на „Копа Америка“ во 2024 година за репрезентацијата на својата земја – пренесуваат француските медиуми. Договор до вчера сѐ уште не беше постигнат, но се очекува во периодот што следува да има подетални преговори. Г.И.