Сето ова може само да радува пред почетокот на годинашново Европско првенство (ЕП), група Ц, во Скопје, каде што сите натпревари ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“

ОДБОЈКА

Никола Ѓоргиев, најдобриот македонски одбојкар и капитен на македонската репрезентација, стигна до ново клупско признание. Тој во финалето на одбојкарскиот Куп на Словенија, со клубот Волеј Љубљана, во крајно драматичен и неизвесен натпревар, славеше со 3-2 во сетови против Калцит Камник.
Првиот сет го освои противникот со 26-24, но во следните два сета подобри беа љубљанчани, кои ги добија со 25-22, односно 25-23. Сепак Калцит Камник не се предаде и успеа да стигне до израмнување, добивајќи го четвртиот сет со 25-22. Во решавачкиот петти сет, кој се игра до 15 освоени поени, поумешна беше Волеј Љубљана, која го доби со 15-10 за конечен триумф. Македонскиот репрезентативец Ѓоргиев беше најзаслужен за овој триумф, постигнувајќи вкупно 27 поени (23 во напад, две асистенции и две блокади).
Сето ова може само да радува пред почетокот на годинашново Европско првенство (ЕП), група Ц, кое ќе се игра во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ (од 18 август до 16 септември), а влезниците за ова ЕП веќе се во продажба. Другите групи ќе се играат во Италија, Бугарија и во Израел.
Покрај репрезентацијата на Македонија, љубителите на одбојката во Скопје ќе можат во живо да ги гледаат и велесилите како што се Полска и Холандија, потоа Данска, Чешка и Црна Гора. Во осминафиналето ќе се пласираат по четири најдобри репрезентации од секоја од четирите групи.
Црвено-жолтите дебитираа на европските првенства во 2019 година и на премиерниот настап, токму во групата во Љубљана, забележаа две победи, од кои една против подоцнежниот европски вицепрвак Словенија. Потоа настапи на Европското првенство (ЕП) што во 2021 година се играше во Полска, Чешка, Естонија и во Финска. Во пресрет на ЕП 2023, во мај годинава Македонија, по четири настапи во Сребрената европска лига, ќе игра скалило погоре, односно во Златната европска лига. Г.И.