Романската шаховска федерација започна национален проект „Образование преку шах“, кој ги промовира придобивките од шахот за децата. Министерството за образование е институционален партнер на проектот, информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Проектот, чија цел е да научат шах ученици од трето и четврто одделение во државните училишта во Романија, има три фази, и тоа обука на наставници, нудење шах како изборна студија и организирање шаховски настани. Триста наставници се пријавија за програмата во првите 30 дена од нејзиното официјално почнување. Целта на првата година е да се обучат 3.000 наставници во јавните училишта и да се едуцираат 50.000 ученици, почнувајќи од учебната 2023-2024 година.
– Шахот има многу придобивки за децата, како учење, дисциплина, креативност, ја подобрува способноста да се концентрираат, ги развиваат логичките и мемориските активности. Шахот е спорт на умот, што значи дека е добар и за возрасните и за децата. Тој е моќен противотров, оти го подобрува вниманието на децата и ги учи да останат подолго фокусирани. Шахот исто така ги учи децата да преземаат иницијатива, да станат активни и оптимистички личности. Наставата шах во училиштата може да ги подобри вештините на децата во решавање на проблемите, како и донесувањето одлуки – вели Влад Арделеану, претседателот на Романската шаховска федерација.
Како што е познато, ваков проект e во тек и во Македонија, а обуката на наставниците е веќе при крај. Се очекува проектот целосно да профункционира во септември, со почетокот на новата учебна година. Г.И.