Фото: EPA

Деновиве американскиот „Њузвик“ објави вознемирувачки текст, со кој го подигна нивото на стрес не само кај граѓаните на САД туку и кај сиот мирољубив свет на планетата. Во текстот се изнесува сознание дека „воените команданти и набљудувачи на САД вклучуваат тревога поради активноста на руска подморничка флота илјадници милји далеку од своите бази, поточно во близината на американскиот брег“!

Зошто американски армиски команданти вклучија генерална воена тревога?

Во споменатиот текст на реномираниот американски медиум „Њузвик“ се зборува за „зголемен број руски поморски сили во Црно Море“, што е нешто да речеме прифатливо, макар што вооружувањето, како и војната, како опција е апсолутно неприфатливо за решавање меѓудржавни спорови, бидејќи за таа работа постојат меѓународното право и меѓународните институции. Но она што ја вчудовиде пошироката јавност беше изнесената информација во „Њузвик“ за „зголеменото присуство на руски подморници пред американскиот брег и во Средоземно Море“?!

Текст што повторно го оживеа стравувањето од ескалација на нуклеарен воен судир

„Руската морнарица поседува една од најразновидните подморнички флоти во светот. Некои од нив се опремени за носење балистички проектили со нуклеарни боеви глави, што Москва го смета клучно за своето стратегиско одвраќање“, се наведува понатаму во текстот.
Притоа се констатира дека Москва произвела голем број подморници што имаат способност да стигнат и до најкритичните цели во САД и во континентална Европа.
– Во декември Путин изјави дека неговата земја ќе гради повеќе подморници на нуклеарен погон, кои ќе ја гарантираат безбедноста на Русија во текот на идните децении. Имаме индикации дека во близината на брегот на САД, во Медитеранот и на други локации по должината на европската периферија се распоредиле подморници на нуклеарен погон. Нивното распоредување го отсликува како во огледало некогашното советско распоредување подморници за време на Студената војна – изјави за „Њузвик“ Мајкл Петерсон, директор на т.н. Руски институт за поморски студии (РМСИ) во САД, кој спроведува истражувања поврзани за руската војска, но истражува и економски прашања поврзани со светските океани.
Минатиот октомври, генералот на американските воздухопловни сили и шеф на американската Северна команда и НОРАД, Глен ван Херк, предупреди на зголемено присуство на нуклеарни подморници од класата „северодвинск“ во близината на американските брегови. Тој ја окарактеризира Русија како примарна актуелна закана за САД.
– Тие штотуку ги преместија подморниците – нивната прва подморница „северодвинск“ е во Пацификот. Моментално, уште еден „северодвинск“ се наоѓа во Средоземно Море, а еден е на пат кон Атлантикот. Тоа ќе биде постојана непосредна закана, која има капацитет за носење значителен број крстосувачки проектили за копнени напади што можат да ја загрозат нашата татковина – рече Ван Херк.

Предупредувањето на американскиот „Њузвик“ не е прво

Во 2021 година, генералот на американските воздухопловни сили и шеф на американската Северна команда и НОРАД, Глен ван Херк, ги опиша овие руски подморници на исто рамниште како и „домашните“ – во смисла на тивка пловидба.
Во февруари 2020 година, вицеадмиралот на американската морнарица Ендру Вуди Луис им се обрати на Американскиот поморски институт и на истражувачкиот оддел на Центарот за стратегиски и меѓународни студии, велејќи дека сè поголемото активно присуство на руските подморници во Атлантски Океан значи дека неговата служба веќе не го смета Источниот брег како „неспорна“ област или за автоматски „безбедно засолниште“ за пловните објекти на САД.
Тој укажува на „сè поголемиот број руски подморници распоредени во Атлантикот“, велејќи дека се „поспособни од кога било“ и дека „се распоредуваат на подолги временски периоди, со посмртоносни оружени системи“.
Понатаму текстот наведува дека „и американската морнарица поминува низ процес на модернизација“ и дека во својата флота има вкупно 64 подморници, вклучувајќи и 50 борбени подморници на нуклеарен погон.
Во октомври 2022 година, морнарицата на САД ја распореди својата најневидлива американска подморница (ССБН од класата „Охајо“) во водите на Арапско Море.
Засега останува нејасен точниот обем на руските подводни активности, иако Петерсон нагласи дека верува оти руската морнарица барем во следните три до пет години ќе има одредена „слабост“ поради војната во Украина – сè до завршувањето на овој конфликт.

Подготвил: Mарјан Велевски