Наградата за филмот „Налепница“ на Георги Унковски, кој е прогласен за најдобар краток филм на Бруклин Филм фестивал е уште една од низата добри вести за нашиот филм. Овој филм беше прикажан во конкуренција на филмскиот фестивал Санденс, а доби и престижна награда во Словачка. Филмот беше финансиран од Агенцијата за филм во 2019 година.

Филмот „Налепница“ исто така е селектиран и ќе биде прикажан на претстојното издание на Palm Springs International Short Film Fest 2020 кој оваа година ќе се одржи во период од 16 до 22 јуни.

Викендов свое прикажување во рамките на иницијативата We Are One – A Global Film Festival имаше и филмот „Знак” на Елеонора Венинова, кој имаше и своја премиера во програмата Кензен на Канскиот Филмски Фестивал. Филмот е дел од проектот SEE Factory, поддржан преку Агенцијата за филм.

Сепак, планетарната криза поврзана со ковид-19 има големи реперкусии и во функционирањето на Агенцијата за филм, а тоа секако значи дека и македонскиот филм е пред предизвици. Застојот со ковид- 19 ги стави во мирување сите проекти на Агенцијата, а филмските работници кои се најчесто фриленсери немаат покриено придонеси и редовен месечен надомест. Агенцијата за филм заедно со Друштвото на Филмските Работници – ДФРМ, иницираше и издејствува средства за субвенција на филмските работници за два месеца. Исто така сите проекти кои беа во завршна фаза, Агенцијата направи напор да бидат исплатени, а притоа напомена приоритет во исплатите да бидат слободните филмски работници кои работеле на овие филмови.

Ова беа меѓу првите интервентни мерки преземени од европските фондови со цел ублажување на влијанието на последниците од епидемијата, кои секако ќе ги има и во периодот кој следи, па поради тоа се размислува и за нови мерки кои би следеле.

– На македонскиот филм му посакувам да продолжи да ја живее својата ренесанса и да се продуцираат добри и квалитетни филмови кои ќе остават печат во домашната и странската кинематографија. Во оваа криза пред сė мораме да ги заштитиме филмските работници, тие посветени професионалци без кои нема да има македонски филм. Агенцијата ќе ги објави резултатите од конкурсот за филм како и секоја годината кон крајот на јуни, почеток на јули – изјави Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм.