Откако беше прикажан на филмски фестивали во Ирска, Јапонија, Англија и Аризона, краткиот филм на охриѓанецот Антонио Вељаноски, млад режисер што живее и работи во Прага, се прикажува на годинешното виртуелно издание на престижниот меѓународен „Сохо филм-фестивал“ во Њујорк.
„И(с)згубени“ е филм за осаменоста, надежта и љубовта. Кога осамениот пензиониран лингвист Рудолф (77) оди во пошта, по пат го следи едно куче од кое не може да се ослободи. Ова ќе доведе до целосна и неочекувана промена во неговиот живот… Главните улоги во филмот ги играат легендарниот чешки актер Јан Качер и позната чешка актерка Марие Дурнова. Филмот е во режија на Антонио Вељаноски, кинематограф е Владимир Димоски, музиката е дело на Игор Василев Новоградска, а продуценти се Елена Станишева и Зоран Летра.

Интернационалниот филмски фестивал „Сохо“ го слави врвниот аспект на дигиталната технологија, истовремено почитувајќи ги традиционалните форми на раскажување приказни. За да се обезбеди безбедноста на учесниците, публиката, персоналот и волонтерите, фестивалот донесе одлука годинава да премине во виртуелен формат.
Хорхе Балос, претседател и основач на „Сохо“, го започна фестивалот во 2009 година, за да обезбеди уникатна и моќна платформа за режисерите да добијат изложеност и потенцијална дистрибуција. Оваа година патроните на фестивалот ќе можат да уживаат во репертоарот на стриминг-платформа што овозможува гледање филмови во удобноста на нивниот дом преку компатибилни уреди.