Премиера на „Демократија“ од Бродски на прилепската сцена

„Демократија!“ од рускиот поет, Нобеловец и добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, Јосиф Бродски, во режија на Кирил Петрески е претставата што утревечер (четврток) од 20.00 часот премирно ќе биде изведена на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, беше соопштено на денешната прес-конференција во театарот.

Беше посочено дека ова е македонска праизведба на делото на Бродски, пишувано во бурната 1989 година, во време на рушење на Берлинскиот ѕид, обединувањето на Германија, распаѓањето на Варшавскиот Пакт и почетокот на распадот на Советскиот Сојуз.

-Јосиф Бродски, иако драмата ја пишува во емиграција во САД, каде што заминува прогонет од советскиот комунистички режим во 1971 година, со хируршка прецизност ги опишува состојбите во Источна Европа. Ова негово драмско дело допира до нашето време со истата „свежина“ и актуелност како да е пишувано вчера – посочи режисерот Кирил Петрески.

„Демократија“ е политичка гротеска за една измислена земја, за едни измислени ликови, но реални проблеми кои што, се совпаѓаат со проблемите на повеќето земји од Источна Европа или Западен Балкан.

Играат Марјан Чакмакоски, Димитар Ѓеоргиевски, Ангела Наумоска, Михајло Миленкоски, Димитрина Мицкоска, како и младите Давид Папазоски и Теодора Трајческа.

Сценографијата е на Зоран Николовски, автор на музиката е Марјан Неќак, а костимите се на Розе Трајчевска.

Ка.М.