Инспирација за делото е градот Скопје, градот во кој самата композиторка е родена и живее и во него, како што вели, се обидува на урбан начин да ги пренесе своите емоции и најзначајните скопски знаменитости преку електронски наративни семплови

Концерт насловен „Музиката и градот“ на кој праизведба ќе доживее електроакустична симфониска поема „Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, ќе се одржи вечерва во 19 часот, во изведба на оркестарот на Филхармонија. На програмата се и „Фантазија за обоа и оркестар на фолк-тема“ од Васил Атанасов В’чев (кој ќе настапи и како солист на обоа), Адаџето од Малер и „Роденденот на една инфантка“ од Шрекер. Диригент е Тимоти Редмонд од Велика Британија.
Ана Пандевска (1985) е македонска композиторка што пишува музика инспириран од фолклорот, џезот, амбиенталната музика, а во последно време нејзиниот интерес е насочен кон е електроакустичниот израз. Симфониската поема „Скопје“ е фузија од различни музички влијанија, истражувања и естетски вкусови сублимирано во едно дело. Инспирацијата за делото е градот Скопје, градот во кој самата композиторка е родена и живее и во него, како што вели, се обидува на урбан начин да ги пренесе своите емоции и најзначајните скопски знаменитости преку електронски наративни семплови.

Васил Атанасов, музички уметник-обоист ѝ припаѓа на онаа одбрана плејада репродуктивни уметници во македонската култура, која својата силна уметничка дејност на концертната сцена, со моќниот говор на своjот инструмент ги гради денешната музичка култура и традиција кај нас. Неговата истрајност на патот на уметноста, на патот кон креативната интерпретација се граничи со строг фанатизам на еден силен и енергичен дух на карактерен човек и длабоко вљубен уметник во звукот на својот инструмент, кој за него живот значи – обоата.
Тимоти Редмонд студира обоа на Кралскиот северен колеџ за музика. Од 2006 година е шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри. Кариерата го води во Франција, Белгија, САД, Финска, Босна и Херцеговина, каде што диригира со оркестри и работи на оперски продукции. Неодамна во САД, Редмонд работи како диригент на подготовките на нова опера базирана на приказната „Чарли и фабриката за чоколада“, а од скоро ја збогати сопствената дискографија снимајќи компакт-диск со француската виолончелистка Офели Гајар за „Наив рекордс“. Во иднина го очекува премиерата на операта „Напудри го нејзиното лице“ од Томас Адес во Англиската национална опера.